ДАЛЕКУ Е КРАЈОТ – Путин го одби новиот мировен план на Зеленски со 20 точки
Кремљ бара повеќе гаранции за прифаќање на мировен договор за Украина

Русија ќе бара значајни измени во нацрт-мировниот план од 20 точки договорен од Украина и САД, тврди Кремљ. Според извор од Москва, сегашниот предлог „не ги задоволува основните интереси на Русија“ и ќе послужи само како почетна точка за преговори.
Клучните руски барања, се гаранции против проширување на НАТО кон исток, обврска за неутрален статус на Украина во случај на приклучување кон ЕУ, ограничување на големината на украинските вооружени сили и видовите оружје што Украина смее да ги поседува, јасни гаранции за статусот на рускиот јазик во Украина и укинување на западните санкции и решавање на судбината на замрзнатите руски средства на Запад.
Кремљ го смета планот за „типично украински“ и ќе го разгледа „со ладна глава“.
Украински компромиси според Зеленски се дека Украина не го прифаќа барањето за откажување од членството во НАТО, Вашингтон постепено ќе ги укинува санкциите по завршувањето на војната, потврда на суверенитетот на Украина и договор за неагресија со Русија, безбедносни гаранции од САД, НАТО и европските земји со потенцијален воен одговор во случај на повторен напад, компромис за територии во Донецк, создавање демилитаризирана зона и повлекување на украински и руски сили од одредени региони, план за економско закрепнување, вклучувајќи украински фонд за развој и инвестирање во технологии и природен гас, заедничко управување со нуклеарната централа Запорожје, со распределба на енергијата, повлекување на руски трупи од Дњепропетровск, Николаев, Суми и Харков како и можност за национален референдум во Украина за формализирање на крајот на војната.
Американскиот специјален претставник Стив Виткоф и Џаред Кушнер постигнаа бавен, но конструктивен напредок. Украинската и руската делегација имаа одделни средби со американските претставници. Кремљ ќе ги формулира следните чекори и ќе ги продолжи контактите преку постојните канали, соопшти портпаролот Дмитриј Песков.
Да потсетиме, Национал вчера го објави Мировниот план на украинскиот претседател Зеленски кој содржи 20 точки.


