СОМНИТЕЛНО ЛИЦЕ АКТИВИРА ЕКСПЛОЗИВ Тројца загинати во Москва
Во трагедија во Москва двајца млади полицајци убиени во експлозија а идентитетот на третото лице не е познат

Во страшна експлозија што се случи во Москва ноќта меѓу вторникот и средата, животот го загубија двајца полицајци и уште едно лице.
Според првичните информации, убиени се двајца млади припадници на сообраќајната полиција – Илија Климанов (24) и Максим Горбунов (25) како и едно „сомнително лице“ кое било во нивна близина. Експлозијата се случила околу 01:30 часот на улицата „Елецка“, недалеку од полициската станица.
Неофицијално, „сомнителното лице“ го активирало експлозивот во моментот кога полицајците му се приближиле. Истиот човек бил забележан околу 15 минути пред инцидентот, кога граѓани пријавиле дека на улица стои маж со црна качулка.
Од Истражниот комитет соопштија дека се преземаат мерки за утврдување на околностите на несреќата. Поведена е кривична постапка, а ќе се спроведат повеќе судско-медицински и експлозивно-технички вештачења.
„Од здобиените повреди починаа двајца полицајци и едно лице кое било во близина на службениците“, се наведува во соопштението.


