ЈОРДАН МИТЕВ СЛАВИ 20 ГОДИНИ КАРИЕРА – Нова песна посветена на синот

Новата песна „Сине, сине мој“ ја прославува радоста од татковството и 20 години кариера

ЈОРДАН МИТЕВ СЛАВИ 20 ГОДИНИ КАРИЕРА – Нова песна посветена на синот
Фото: Принтскрин

Познатиот македонски музичар, автор и изведувач Јордан Митев веќе цели две децении неуморно ја гради својата професионална кариера. Благодарение на неговата посветеност, но и на верната публика, 20 години континуирано создава и изведува авторска музика, редејќи безвременски хитови кои станаа дел од македонското музичко наследство.

Зад себе остава година исполнета со интензивна работа и дома и низ светот посветена на сите искрени љубители на македонската песна. Година во која го заокружува јубилејот 20 години кариера, обележана со бројни албуми, хитови, настапи и силни емоции.

Токму во една од најуспешните години, и на професионален и на приватен план, Митев ја изненадува публиката со нова, длабоко емотивна песна посветена на неговиот штотуку роден син.

„Дваесет години се многу, а сепак малку. Годината има само 365 дена“, вели низ насмевка Митев. Ми недостасуваат денови за уште некоја отпеана песна, за уште еден концерт. Секој мој ден е музика. Благодарен сум на Бога што овие дваесет години ја имам мојата публика. За таа публика вреди да се создава, компонира, пее и живее. Кога функционираш со публиката како едно, времето минува брзо“ – вели Митев.

Тој додава дека публиката и семејството се неговите најсилни двигатели.

„Со доаѓањето на свет на мојот син Кристијан го добив највредниот подарок за овие 20 години кариера. Песната ‘Сине, сине мој’ доаѓа во вистинско време како печат на една музичка историја што ја потпишувам со срце.“

Новата песна за само неколку дена собра илјадници прегледи на YouTube, што уште еднаш потврдува дека публиката е желна за нови музички приказни од Јордан Митев.

Иако јубилејот е голем повод за славење, за Митев одмор нема.

„За новогодишните празници ќе бидам во Швајцарија со нашите Македонци. За Бадник и Божик сакам да сум дома со семејството, а потоа продолжувам со веќе закажани концерти и патување во Канада. На 20 години кариера работам како да ми е прв ден и публиката мора да се почитува. Тоа ме исполнува и ме прави среќен. Ќе има време и за славење“, вели тој.

Песната „Сине, сине мој“ е достапна на YouTube, а Јордан Митев ветува уште многу години дружење со убава македонска песна, нови албуми, хитови и, секако, неговиот препознатлив весел дух.

CATEGORIES
Share This