КРАДЕЛЕ СТРУЈА, СЕГА ПРОТЕСТИРААТ Хаос во Скопје жители на Серава ја блокираа Пластичарска
Протестот на улицата Пластичарска предизвика хаос во сообраќајот, автобусите не сообраќаа, а возачите беа заглавени во гужви.

Жителите на скопската населба Серава, кои веќе два дена немаат струја, денес го блокираа сообраќајот во главниот град. Поради протестот на улицата Пластичарска, во близина на булеварот „Никола Карев“, сообраќајот беше целосно пренасочен, предизвикувајќи застој на раскрсниците низ Скопје. Сообраќајната полиција мораше да регулира сообраќај, што предизвика револт кај возачите и патниците кои се враќаа дома со автобуси.
Шоферите нервозно трубеа, патниците на автобуските постојки чекаа со часови, а автобуси речиси немаше. Дури ни службените владини автомобили не можеа да се пробијат низ гужвите.
Според ЕВН, дефектот во електродистрибутивната мрежа на Серава настанал на 21 декември 2025 година, како резултат на долготрајни кражби на електрична енергија и спречување на екипите да ја одржуваат мрежата. Дел од жителите на улиците „Исмаил Кадаре“ и „Кумбара“ го попречуваат проектот за реконструкција на нисконапонската мрежа и дислокација на броилата, упатувајќи вербални закани кон екипите, што им го оневозможува нормалното работење.
ЕВН предупредува дека сè додека нивните екипи немаат пристап до мрежата, трајно санирање на дефектите нема да биде возможно, а проблемите ќе продолжат поради преоптовареност од нелегални приклучоци.
Компанијата додава дека ситуацијата е сериозна: загубите на електрична енергија во овој регион надминуваат 70%, а наплатата изнесува околу 60%. ЕВН апелира за соработка со граѓаните за да се обезбеди стабилно и безбедно снабдување со струја.


