МИЦОТАКИС СО БИЛАНС ЗА ПРОТЕСТИТЕ Прифатени 16 од 27 барања на земјоделците

Владата прифатила 16 од вкупно 27 барања, додека седум се оценети како финансиски неизводливи или спротивни на правилата на ЕУ.

МИЦОТАКИС СО БИЛАНС ЗА ПРОТЕСТИТЕ Прифатени 16 од 27 барања на земјоделците
Фото: Принтскрин

Од вкупно 27 барања што ги доставија грчките земјоделци, Владата досега прифатила или дала позитивен одговор на 16, четири се сè уште предмет на разговори, додека седум се одбиени како финансиски неизводливи или спротивни на правилата на Европската унија. Ова го соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, нагласувајќи дека државата останува отворена за дијалог, но нема да прифати, како што рече, „неразумни барања“.

Во своето неделно обраќање, Мицотакис упати критики до земјоделците кои веќе три недели ја блокираат земјата, оценувајќи дека одбивањето разговори не носи решенија. Тој предупреди дека блокадите веќе имаат сериозни последици врз економијата и туризмот, особено во пресрет на празничната сезона.

„Негативните ефекти од блокадите врз општеството се веќе видливи. Остварувањето на барањата мора да оди со почит кон пошироката заедница. Ако земјоделците не сакаат да ја слушнат Владата, нека ги слушнат хотелиерите, угостителите, стопанските комори, како и своите блиски кои сакаат да патуваат за празниците. Но, нека размислат и за штетата што се нанесува врз меѓународната трговија и економската активност на земјата“, порача премиерот во објава на Фејсбук.

Земјоделците, кои од 30 ноември воспоставија повеќе од 60 блокади низ Грција, денеска треба да одлучат за натамошните чекори. Според најавите, за време на Божиќ и Нова година патиштата ќе бидат отворени за сообраќај, додека тракторите симболично ќе останат покрај коловозите.

CATEGORIES
Share This