ХАОС ВО АВИОСООБРАЌАЈОТ – Маглата откажа 20 летови на аеродромот во Скопје

Реализирани се 13 слетувања и 13 полетувања, информира ТАВ Македонија

ХАОС ВО АВИОСООБРАЌАЈОТ – Маглата откажа 20 летови на аеродромот во Скопје
Фото: Национал

Поради намалената видливост предизвикана од густа магла, на Меѓународниот аеродром Скопје во периодот до 20 часот вечерва се откажани вкупно 20 летови (полетувања и слетувања), два се пренасочени, а реализирани се по 13 слетувања и полетувања, информираат од ТАВ Македонија.

На аеродромот слетале авиони од Дортмунд, Виена, Хамбург, Брисел, Белград, Загреб, Франкфурт, Венеција, Париз (Буве), Берлин, Минхен (Меминген) и Цирих. Истовремено, реализирани се летови кон Виена, Белград, Загреб, Брисел, Хамбург, Баден-Баден, Франкфурт, Берлин, Варшава, Базел и Барселона, додека летовите за Рим (Фјумичино) и Малме се најавени за полетување.

Од ТАВ Македонија посочуваат дека временските услови се менуваат често, а секоја авиокомпанија има различни оперативни стандарди за слетување и полетување при намалена видливост. Поради тоа, апелираат патниците редовно да ги следат информациите добиени директно од авиокомпаниите.

„Аеродромот е отворен за авиосообраќај и сите капацитети се целосно функционални. Нашиот персонал и аеродромските системи работат 24 часа и се подготвени да ги услужат патниците и авионите“, велат од ТАВ Македонија.

Промените во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на официјалната веб-страница на аеродромот, а патниците за дополнителни информации можат да се обратат на информативниот пулт во терминалот или на телефонскиот број +389 2 3148 333.

Од Авто-мото сојузот на Македонија информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла до 30 метри има на патниот правец Жировница – Луково, а до 150 метри во околината на Тетово, Штип, Петровец и Демир Капија. Потсетуваат дека во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.

Управата за хидрометеоролошки работи најави дека маглата ќе се задржи во котлините до крајот на денот, а ќе ја има и во наредните два дена. Кон крајот на утрешниот ден и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места, поради продор на постуден воздух од север, врнежите ќе преминуваат во снег.

CATEGORIES
Share This