ТУРСКОТО ЗНАМЕ СЕ ВЕЕ ПРЕД ОПШТИНА КИЧЕВО – Симбол на пријателство и мултикултурализам

Церемонијата се одржа во пресрет на Денот на наставата на турски јазик

ТУРСКОТО ЗНАМЕ СЕ ВЕЕ ПРЕД ОПШТИНА КИЧЕВО – Симбол на пријателство и мултикултурализам
Фото: Принтскрин

Покрај македонското и албанското знаме, од вчера пред зградата на Општина Кичево официјално се вее и турското знаме. Церемонијата беше организирана во пресрет на 21 декември, Денот на наставата на турски јазик.

На свеченоста присуствуваа турскиот амбасадор во Скопје, Фатих Улусој, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, претседателот на ТДП, Зулфикар Зејнула, како и голем број граѓани.

Амбасадорот Улусој истакна дека подигнувањето на турското знаме има посебно значење, бидејќи се одржува токму пред Денот на турската настава:

„Задоволни сме што церемонијата на кревање на нашето знаме со полумесечина и ѕвезда се одржа во пресрет на Денот на турската настава. Подготвени сме да обезбедиме институционална поддршка за зголемување на употребата на турскиот јазик како службен јазик во Кичево.“

Градоначалникот Јовановски нагласи дека турското знаме е симбол на почит, пријателство и долгорочна соработка:

„Со ова ја нагласивме важноста на добрите традиционални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, особено на локално ниво. Општина Кичево ќе продолжи да негува мултикултурализам, меѓусебно почитување и соработка.“

Министерот Лимани, обраќајќи се на присутните, потенцираше дека турскиот јазик е составен дел од културното и јазичното богатство на државата:

„Преку образованието на мајчин јазик се зајакнува чувството на припадност, еднаквост и достоинство, особено кај помладите генерации. Горди сме на богатото културно наследство и одличните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Турција.“

Со церемонијата во Кичево уште еднаш беше потврдена определбата за инклузивни политики и градење општество во кое различностите се заедничка вредност.

Премиерот Христијан Мицкоски, во честитката за 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, истакна дека образованието на мајчин јазик е нераскинлив дел од македонското историско и општествено наследство. Тој потенцира дека преку наставата на мајчин јазик се гради образовен систем темелен на почит и еднаквост:

„Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба. Преку јазикот се пренесува знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а училиштето ги претвора тие вредности во заедничко богатство на државата. Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, заедништвото и иднината на државата.“

CATEGORIES
Share This