ГРАДСКИ ПРЕВОЗ ШТО ЛЕТА Жичарница што го менува јавниот превоз во Париз
105 кабини превезуваат до 11.000 патници дневно, со панорамски поглед од висина

Со учтив, но решителен тон, стјуардите ги насочуваат возбудените патници кои, непознати со овој тип на превоз, се подготвуваат за возбудливо патување со најдолгата жичарница во Европа која служи како јавен градски превоз.
Линијата C1 – име кое потекнува од францускиот збор „cabal“ и бројот 1 за првата од ваков вид ги поврзува градовите Вилнев-Сен-Жорж и Кретеј на југоисточните периферии на Париз, во департманот Долина Марна. Од Кретеј патниците понатаму продолжуваат со класичниот метро превоз.
Жичарницата е долга 4,5 километри и има пет станици. Триесет столбови ги поддржуваат каблите, кои превезуваат 105 кабини, секоја со капацитет од 10 патници. Целата траса се минува за околу 18 минути, наспроти 40 минути со автобус. Жичарницата има дневен капацитет од околу 11.000 патници, со можност за дуплирање во иднина. Кабините се појавуваат на секои 20 секунди, а во случај на потреба може да се додадат уште 25. Работи седум дена во неделата, од 5:30 до 23:30 часот. Кабините не застануваат целосно, туку само забавуваат на станиците за влегување и излегување на патниците, инспирирано од скијачките жичарници.
Проектот е иновативен одговор на долгогодишните проблеми со јавниот транспорт во област со густа инфраструктура – автопати, железници и индустриски зони. Целта беше да се понуди алтернатива на автобусите и претоварените линии на метро и трамвај, чијашто изградба би била технички сложена и скапа.
Жичарницата е побрза за изградба, поевтина и полесно се прилагодува на урбаните и географските ограничувања. Вкупната цена на проектот беше 138 милиони евра, а целата реализација траеше три години. За споредба, продолжувањето на метро линијата во овој сектор би чинело повеќе од милијарди. Дополнително, жичарницата има еколошка корист – не загадува и овозможува поврзување на урбани области отсечени од јавниот превоз, придавајќи футуристички изглед на градот.
Проектот првично се соочи со отпор и жители протестираа поради премин над станбените области и визуелно „загадување“, а противпожарните служби бараа дополнителни планови за евакуација и гаснење пожари. По решавањето на овие предизвици, жичарницата беше пуштена во употреба.
Возењето е исклучително живописно: под нозете се автомобили, магацини и возови, додека гондолата лета над автопатите и новите солитери. Патниците уживаат во погледот, снимаат фотографии и се чувствуваат како на авантура во иднината. На секоја станица стјуардите насочуваат кон слободните места, а кабините не чекаат и секој момент е динамичен и возбудлив.
Ова е четвртата жичарница во градскиот превоз во Франција – Тулуз има три километри, Гренобл 700 метри, а Брест 420 метри.
На глобално ниво, Ла Паз во Боливија има најобемна мрежа на градски жичарници со десет линии долги повеќе од 30 километри, на надморска височина од 3-4 илјади метри, превезувајќи над 300.000 патници дневно.


