НОВИ СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ ВО ЗДРАВСТВОТО – Темелна промена во подготовката на лекарите

Министерот Алиу најави најголема промена во здравствениот систем во последните 15 години

НОВИ СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ ВО ЗДРАВСТВОТО – Темелна промена во подготовката на лекарите
Фото: Национал

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова, деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Светозар Антовиќ, како и претставници од медицинските факултети во Тетово и Штип, на прес конференција ја претставија новата програма за специјализации, со која се менува пристапот кон формирање на медицинскиот кадар.

Министерот Алиу истакна дека Министерството за здравство секогаш ги дискутира своите политики и предлози со стручната фела, со цел инклузивен и партнерски пристап кон креирањето на нови практики кои одговараат на потребите на населението и здравствениот систем.

„Денес претставуваме една од најзначајните промени во здравствениот систем – новите програми за специјализација, кои темелно ја менуваат подготовката на медицинскиот кадар. Последните петнаесет години програмите во високото медицинско образование не беа суштински обновени, а во меѓувреме реалноста драстично се промени со демографски промени, зголемена зачестеност на болести, нови очекувања на пациентите и развој на самата медицина. Како што во ИТ секторот, ако 15 години не го менувате моделот, не подготвувате кадар за иднината, истото важи и за здравството. Ако не ги модернизираме програмите, ќе ја пропуштиме шансата новите методи и технологии да станат дел од секојдневната клиничка пракса“, посочи министерот.

Тој објасни дека целта е прво да се формираат лекари со општа специјализација, способни да одговорат на реалните потреби на граѓаните надвор од клиничките болници и во општи и регионални болници, како и во секундарното здравство, каде што потребата за медицински кадар е најголема. На тој начин, здравствениот систем ќе добие рамномерно распределен кадар, кој ќе обезбедува специјалистички третман на хронични болести, итни состојби, континуитет на терапијата, навремена дијагностика и правилно упатување кон терциерното здравство.

„Суштината на новите програми е едноставна, но храбра – се напушта логиката на премногу тесно профилирани специјализации како почетна точка. Наместо тоа, се гради силна општа клиничка основа, врз која потоа рационално ќе се надградува преку супспецијализации. Прво ќе се формира стабилен интернист и стабилен општ хирург, а потоа, каде што има потреба, образованието ќе продолжи со кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други супспецијалистички области. Програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјава, што значи еден стандард, еднакви критериуми и ист квалитет на образованието“, заклучи министерот Алиу.

CATEGORIES
Share This