Е – САНДАЧЕ И ДИГИТАЛНИ ТЕРМИНАЛИ Дигиталната визија за иднината на Македонија

Дигиталната трансформација значи поедноставни услуги, помалку бирократија и поголемо учество на граѓаните

Е – САНДАЧЕ И ДИГИТАЛНИ ТЕРМИНАЛИ Дигиталната визија за иднината на Македонија
Фото: Принтскрин

Во рамките на Националната стратегија за развој на ИКТ – SMART/МК 2030, денеска беа претставени две нови дигитални алатки кои ја подобруваат комуникацијата меѓу државата и граѓаните: е-Сандаче и дигитални терминали за услуги. Овие решенија се дел од визијата за модерна, транспарентна и ефикасна дигитална држава, која се темели на четири клучни столба: инфраструктура, дигитални вештини, е-управување и иновации.

Според најновиот GovTech Maturity Index (GTMI) 2025 на Светска банка, Македонија е рангирана како земја со високо ниво на зрелост во дигиталната трансформација на јавниот сектор.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна:

„Во најновиот GTMI 2025, Македонија е во категоријата A – Extensive GovTech maturity со резултат 0,760, заедно со земји како Латвија, Литванија, Малта, Холандија и Нов Зеланд. Ова го потврдува нашиот напредок во дигитализацијата на јавните услуги и унапредувањето на владини дигитални системи.“

За споредба, во извештајот од GTMI 2023, Македонија не беше дел од највисоката група на зрелост, со резултат 0,570 и пониска рангирана категорија, што значеше скок од 22 места – од 101 на 79 место.

Андоновски додаде дека ова постигнување ја рефлектира континуираната работа на унапредување на дигиталните платформи, јакнење на владини системи и подобрување на интеракцијата со граѓаните преку дигитални канали.

Премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на конференцијата „Трансформирање на иднината: дигитална стратегија за современо општество“ истакна:

„Дигиталната трансформација не е само воведување на технологии. Таа подразбира длабока промена во функционирањето на државата – во културата на институциите и во односот кон граѓаните и бизнисот. Таа значи поедноставни и побрзи услуги, помалку бирократија, повеќе отчетност и поголемо учество на граѓаните.“

Стратегијата SMART/МК 2030 претставува визија и јасен план за дигиталната трансформација, одговарајќи на реалните предизвици на општеството и дефинирајќи патоказ за развојот на државата во следната деценија.

Мицкоски нагласи:

„Кога процесите се дигитални, трагата е видлива, а одговорноста е јасна. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии.“

Стратегијата ја дефинира патеката за дигитален развој во сите сектори – јавна администрација, образование, здравство, економија и локален развој. Таа е усогласена со Националната развојна стратегија 24-44, препознавајќи ги дигиталните вештини и човечкиот капитал како клучни двигатели на напредокот.

Мицкоски додаде дека стратегијата го адресира и усвојувањето на европските стандарди, вклучувајќи ја дигитализацијата на институционалните регистри, работа во облак, електронска идентификација и доверливи услуги.

„Стратегиите сами по себе не се доволни. Нашата обврска е да ја претвориме визијата во конкретни политики, мерливи резултати и реални промени во секојдневниот живот на граѓаните. Да изградиме држава во која услугите се достапни со еден клик, институциите комуницираат меѓусебно, а граѓанинот е во центарот на системот.“

Премиерот изрази благодарност до министерот Андоновски и неговиот тим за посветеноста и визијата при подготовката и обликувањето на Националната стратегија за развој на ИКТ – SMART/МК 2030.

CATEGORIES
Share This