ПАРТИЗАН ПОД САНКЦИИ НА ФИФА Без трансфери во три преодни рока

Светската фудбалска федерација (ФИФА) изрече санкција против ФК Партизан, со која белградскиот клуб добива забрана за регистрација на нови фудбалери во следните три преодни рока.
Како што е наведено во одлуката, санкцијата е изречена поради неисплатен долг во износ од 1,3 милиони евра кон поранешниот играч на клубот, Патрик Андраде. Фудбалерот, кој во дресот на Партизан одигра 26 натпревари во една сезона, поднел тужба против клубот уште минатата година поради неисполнети финансиски обврски.
Од ФИФА појаснуваат дека забраната за трансфери ќе биде автоматски укината доколку клубот во целост го подмири долгот, што е практика применета и во други слични случаи со санкционирани клубови.
Дополнителна грижа за раководството на „црно-белите“ претставува и лиценцирањето за настап во европските купови. За да добие дозвола за учество во следната сезона, Партизан ќе мора навреме да ги реши сите финансиски обврски и да го стабилизира билансот, во спротивно ризикува да остане без европска сцена.


