СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА ДЕНЕС Магла кај Неготино, најавен целосен прекин на патот Берово–Струмица

Сообраќајот на државните патишта утринава се одвива непречено по претежно суви коловози, но поради магла има намалена видливост на одредени делници, информираат надлежните служби.
Според дневните информации од 19 декември 2025 година (06:00 часот), појава на магла со видливост од 50 до 60 метри е регистрирана на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија. Возачите се повикуваат на зголемена внимателност и прилагодена брзина на движење.
Дополнително, за денеска е најавен целосен прекин на сообраќајот на регионалниот пат П-1302 (Берово – Струмица). Од 10:00 часот, поради јавен собир организиран од месното население на селото Двориште, сообраќајот ќе биде целосно блокиран на локацијата позната како „Студенецо“. Надлежните апелираат возачите кои патуваат на релација Струмица – Берово да користат алтернативни патни правци.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од Авто-мото сојузот на Македонија потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе важи до 15 март 2026 година, без оглед на временските услови.
АМСМ препорачува внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде постои ризик од одрони. Посебна претпазливост се советува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, потсетување дека патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година поради сезонски режим.
Покрај тоа, на повеќе патни правци низ државата во тек се градежни активности со времена измени на режимот на сообраќај, меѓу кои на скопската обиколница (А2), експресниот пат Крива Паланка – Страцин, како и на делниците Гостивар – Стража и Прилеп – Битола. Возачите се повикуваат да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.


