УТРИНСКА СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА Суви коловози, внимателно поради магла

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по претежно суви коловози, информира Автомото сојузот на Македонија во дневниот извештај за состојбата на патиштата на 17 декември 2025 година.
Намалена видливост до 60 метри е забележана поради појава на магла во околината на Демир Капија, поради што на возачите им се препорачува зголемено внимание и прилагодена брзина.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе трае до 15 март 2026 година, без оглед на моменталните временски услови.
Возачите се повикуваат на внимателно управување со возилата, особено на делниците што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност за појава на одрони. Посебно внимание се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила во периодот од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година поради сезонски зимски режим.
На повеќе патни делници низ државата и понатаму се изведуваат градежни активности, со воведени временски измени на режимот на сообраќај, кои се регулирани со сообраќајна сигнализација, рачна регулација или семафори.


