МИЛАНОВИЌ ОД СЛОВАЧКА Принудното единство ја разорува Европа

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изрази загриженост дека Европската Унија би можела да се соочи со сериозни внатрешни проблеми доколку продолжи, како што рече, тенденцијата кон наметнување едноумие и притисок врз различните политички ставови. Тој оцени дека таквите процеси во минатото довеле до распад на сложени државни и политички сојузи, како Југославија и Советскиот Сојуз.
Изјавата Милановиќ ја даде за време на неговата дводневна официјална посета на Словачка, каде што утре ќе оствари средби со словачкиот претседател Петер Пелегрини и премиерот Роберт Фицо. Хрватскиот претседател нагласи дека со двајцата словачки лидери има долга комуникација и слични гледишта по низа европски прашања, но истовремено посочи дека тоа не значи дека таков начин на размислување е доминантен во цела Европа.
Според Милановиќ, во рамките на Европската Унија постои растечка практика на убедување и притисок кон усогласување на ставовите, а кога тоа не дава резултат, следува обид за наметнување единствено мислење. „Тоа веќе сме го виделе во историјата и знаеме како завршило“, рече тој, алудирајќи на поранешните државни заедници што се распаднале под таков товар.
Тој додаде дека не е реално сите земји и општества да функционираат и размислуваат на ист начин, нагласувајќи дека дури и поимот за заеднички демократски вредности често е предмет на различни толкувања во рамките на Унијата.


