(ВИДЕО) ИНЦИДЕНТ ВО КАЛКУТА ЗА ВРЕМЕ НА ПОСЕТАТА НА ЛИОНЕЛ МЕСИ Незадоволни навивачи предизвикаа хаос

Незадоволни навивачи втрчаа на теренот на стадионот Солт Лејк откако Меси помина само неколку минути со публиката

(ВИДЕО) ИНЦИДЕНТ ВО КАЛКУТА ЗА ВРЕМЕ НА ПОСЕТАТА НА ЛИОНЕЛ МЕСИ Незадоволни навивачи предизвикаа хаос
Фото: Принтскрин

Посетата на Лионел Меси во Индија беше нарушена од инцидент во Калкута, каде што настапи хаос откако незадоволни навивачи втрчаа на теренот на стадионот Солт Лејк, јавуваат локалните медиуми.

Веднаш по пристигнувањето во Калкута, Меси беше пречекан од голем број навивачи на улиците, поради што мораше да биде евакуиран од аеродромот преку алтернативна рута.

Инцидентот се случил за време на еден од планираните настани од неговата турнеја. Навивачите изразиле незадоволство бидејќи Меси поминал само пет минути на теренот, додека поголемиот дел од времето бил во друштво на политичари и други влијателни личности од Калкута, Западен Бенгал и Индија.

Главниот министер на Западен Бенгал, Мамата Банерџи, се извини на Меси и на јавноста за организациските пропусти и нареди истрага.

„Длабоко сум вознемирен и шокиран од лошата организација што ја видовме денес на стадионот Солт Лејк. Искрено се извинувам на Лионел Меси, на сите спортски фанови и на неговите обожаватели за овој несреќен инцидент“, напиша Банерџи на X.

Меси е во Индија за прв пат од 2011 година. За време на оваа посета, тој ќе учествува на концерти, младински фудбалски кампови, турнир во падел и хуманитарни настани во Калкута, Хајдерабад, Мумбаи и Њу Делхи.

По повод неговата посета, во Калкута беше поставена статуа на Меси висока 21 метар, која тој треба официјално да ја открие за време на престојот во градот.

CATEGORIES
Share This