ХАОС ВО БЕНИН: Воен удар во тек, границите затворени
Информациите контрадикторни, според едните, војската ја презема контролата и претседателот Патрис Талон е суспендиран, според другите, нападот на резиденцијата е одбиен и Талон е безбеден

Военото раководство на Бенин, Западна Африка, се обрати на државната телевизија и објави дека ја презема контролата над земјата, известува порталот Jeune Afrique.
Армијата соопшти дека претседателот Патрис Талон повеќе не е на функција и формира „Комитет за воена реконструкција“. Со тоа, уставот е суспендиран, а сите институции и политички партии се распуштени.
Границите на земјата се затворени, а војската го осуди „владеењето на Патрис Талон и лишувањето на голем број граѓани од правото да го изберат својот кандидат“.
Се наведува дека војската се обидела да ја нападне резиденцијата на претседателот, но нападот бил одбиен. Извори од Le Parisienne и RFI јавуваат дека Талон е безбеден и дека ситуацијата е под контрола.
Групата војници, која се нарекува „Воен комитет“, се појави на државната телевизија и објави отстранување на претседателот, иако канцеларијата на Талон потврди дека тој е безбеден и дека армијата ја враќа контролата.
„Тоа беше мала група луѓе кои имаа пристап само до телевизија. Редовната армија ја враќа контролата“, изјави неименуван извор за RFI.
Патрис Талон е на власт од 2016 година. Следните претседателски избори се закажани за април 2026 година, при што сегашниот претседател нема да учествува.
Бенин се наоѓа во Гвинејскиот Залив и, според податоците на ММФ за 2024 година, е една од најсиромашните земји во светот.


