ЗАПОЧНА ДЕСЕТТИОТ БОГОРОДИЧЕН ПОКРОВ – Фестивал на духовни и хумани вредности во Скопје
Свечено отворање со проекција на руски документарец во „Св. Климент Охридски“

Десеттото издание на Меѓународниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров“ започнува денес и ќе трае до 14 декември во Скопје. Во рамки на фестивалот ќе бидат прикажани документарни и долгометражни филмови посветени на духовното и културното наследство, како и на човечноста, а ќе се одржат и тематски форуми.
Свеченото отворање е закажано за вечерва во 19 часот во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. Веднаш потоа стартува програмата со рускиот документарен филм „Воведение во храмот“, во продукција на „Студио неофит“. Овој 38-минутен филм го истражува потеклото и духовното значење на празникот, како и историјата и традициите поврзани со манастирот Оптинска пустина.
Утрешната програма во истиот храм започнува во 16 часот со форумот „Знаењето е здравје“, посветен на хуманитарните вредности. Потоа ќе биде прикажан документарниот филм „Успение на Пресвета Богородица“ (39 минути), снимен во Псковско-Печевскиот манастир „Свето Успение“, посветен на празникот познат како „Велигден на Богородица“.
Од 8 до 14 декември фестивалот продолжува на Европскиот универзитет, каде што публиката ќе може да ги погледне долгометражниот филм „Варава“, документарецот „Раѓање на Богородица“, документарно-играниот „Светиот Архипелаг“, како и документарните филмови „Приказни од Атос“, „Стела“ и „Доброчинител“.
Фестивалот се одржува со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и почесниот претседател – митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Георгиј. Тој е единствен фестивал од овој жанр во државата, посветен на промоција на духовните, хуманите и културните вредности.
Посетителите ќе можат да се поклонат пред чудотворната икона на Пресвета Богородица „Небесна Царица“, која митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар ја отстапува од Битола за оваа пригода. Влезот е слободен, а присуството се пријавува на мејлот: bogorodicenpokrov@gmail.com. На сите пријавени, по завршувањето на фестивалот, ќе им бидат испратени електронски цитати од библиски ветувања за исцеление и исцелителни молитви од псалмите, соопштува основачот и директорка на фестивалот, Зорица Костовска.
Фестивалот ќе заврши на 14 декември со прикажување на долгометражниот игран филм „13-от ден“, историска драма во продукција на британската куќа „13 DAY Films“.

