ЧУДЕСНА ТЕРАПИЈА ВЕЧЕРВА ВО ГЕВГЕЛИЈА Театарско доживување за блискост и хумор

Драмски театар ја изведува популарната претстава со улоги на Соња Стамболџиоска, Маја Вељковиќ-Пановска и Предраг Павловски, а влезот е слободен за публиката.

ЧУДЕСНА ТЕРАПИЈА ВЕЧЕРВА ВО ГЕВГЕЛИЈА Театарско доживување за блискост и хумор
Фото: Принтскрин

Вечерва на сцената на Народниот театар во Гевгелија, Драмски театар ќе ја изведе претставата „Чудесна терапија“, како дел од програмата на манифестацијата „Гевгелија – град на културата 2025“.

„Чудесна терапија“ е дел од редовниот репертоар на Драмски театар од премиерата во 2019 година и досега забележа десетина гостувања во повеќе македонски градови, како и на театарските фестивали во регионот, каде што беше одлично прифатена од публиката.

Пиесата е адаптација на драмски текст од Даниел Глатауер, а режисер е Димче Николовски. Улогите ги толкуваат актерите на Драмски театар: Соња Стамболџиоска, Маја Вељковиќ-Пановска и Предраг Павловски.

Преку суптилна драматуршка нишка и препознатлив хумор, претставата ги отвора темите за партнерските односи и значењето на искрената комуникација како клуч за нивно градење и одржување. „Чудесна терапија“ ја истражува потребата од чист и свесен дијалог меѓу партнерите, покажувајќи како совладувањето на животните предизвици може да ја зацврсти врската или, пак, да доведе до нејзина промена.

Публиката во Гевгелија може да очекува вечер исполнета со хумор, себепрепознавање и уметничко доживување, кое потсетува на важноста на блискоста и трпението во динамичниот современ живот и партнерски односи. Влезот за претставата е слободен, соопштува Драмски театар.

CATEGORIES
Share This