ОД НАЈДОВЕРЛИВ ДО ОТПУШТЕН Еве како течела драматичната смена на Јермак
Претседателот Зеленски го отстрани својот најблизок соработник, кој долго време беше сметан за втора најмоќна личност во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 28 ноември го замени својот шеф на кабинетот, Андриј Јермак, кој се сметаше за втора највлијателна личност во земјата. Одлуката следеше по рација на антикорупциските власти во домот на Јермак, во врска со сомнежи за проневера во државната компанија „Енергоатом“, случај кој ја потресе украинската јавност со недели.
Иако гласините за вмешаност на Јермак се појавувале подолго време и советници му препорачувале на Зеленски да го отстрани, претседателот го заштитувал, дури му доверил клучни мировни преговори со САД. Сепак, кога истражителите пристигнаа со налог за претрес, одбраната стана невозможна, иако против него сè уште не беа покренати обвиненија.
Според порталот „Украинска правда“, претресот започнал рано наутро, околу шест часот, кога три возила на Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САП) пристигнале во станот на Јермак. Претресот траел околу осум часа, а биле запленети телефони и лаптопи. Налогот за претрес бил издаден една недела порано, што сугерира дека Зеленски имал време да го отпушти Јермак пред да започне истрагата.
Додека претресот траел, Зеленски се сретнал со првиот вицепремиер Михаил Федоров, шефот на СБУ Василиј Малјук и раководството на НАБУ и САП. Според „Украинска правда“, претседателот бил свесен дека ситуацијата претставува предизвик на два фронта, внатрешен и надворешен и дека е од клучно значење да се избегне впечатокот на хаос кој би можел да ја загрози земјата и мировните преговори.
Федоров јасно се заложил за замена на Јермак, додека ставот на Малјук не е јавно познат. Јермак наводно се обидел да ја изврши сопствената оставка, но не успеал да се заштити. Кога му била побарана оставката, наводно реагирал со „половочасовен бес со навреди и обвинувања“, не верувајќи дека Зеленски навистина ќе го отстрани.
Според извори на „Украинска правда“, Јермак долго време се обидувал да ги постави своите луѓе на клучни позиции, но во критичниот момент никој не го заштитил. Дури и Олег Татаров, кој претходно го штител, се заложил за негово отстранување. Поддршка за замена на Јермак дојде и од претседателот на Врховната рада Руслан Стефанчук и министерот за одбрана Денис Шмихаљ, а за ова се знаело и меѓународно.
Иако Јермак сè уште не е обвинет, украинското правосудство смета дека тоа е само прашање на време. Самиот тој најави дека ќе се приклучи на фронтот, истакнувајќи дека тоа е начин да ја зачува својата чесност и достоинство. Во разговор со „Фајненшл тајмс“ изјавил дека нема ништо против Зеленски и дека ќе го памети како пријател.
Со неговото заминување, Зеленски се соочува со изборот на нов шеф на кабинетот – прашање кое ќе покаже дали ќе се работи само за „козметичка промена“ или за „капитална реконструкција“ на владините структури.


