МАКРОН ПО СРЕДБАТА СО ЗЕЛЕНСКИ Договорот за безбедносни гаранции е завршен
Европската Унија планира да ги искористи замрзнатите руски средства за поддршка на Украина

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, по неколкучасовните разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Париз, изјави дека „договорот за безбедносни гаранции за Украина е финализиран“.
Тој истакна дека во следните денови ќе се одржат и разговори со американски претставници за да се разјасни учеството на официјален Вашингтон, пренесува France24.
Макрон додаде дека притисокот врз рускиот енергетски сектор преку санкции во наредните недели ќе достигне највисоко ниво од почетокот на војната.
„Нивото на притисок врз нафтените и гасните компании и индустријата во Русија ќе биде највисоко досега. Ова е пресвртница“, рече Макрон и нагласи дека економскиот притисок врз Русија ќе продолжи да се зголемува.
Францускиот претседател посочи дека Европската Унија ќе најде начин да ги искористи замрзнатите руски средства за да ја поддржи Украина, при што ја разбра загриженоста на Белгија, која поседува најголем дел од овие средства.
Елисејската палата претходно соопшти дека Макрон и Зеленски разговарале и со неколку други лидери, меѓу кои Кир Стармер, Антонио Коста, Урсула фон дер Лајен, Марк Руте и други.
Исто така, Зеленски и Макрон имале разговори со американскиот претставник Стив Виткоф и со Рустем Умјеров, поранешниот украински министер за одбрана, кој сега е задолжен за преговорите.


