НАФТАТА НАД 113 ДОЛАРИ, ЗЛАТОТО ПОВТОРНО ВО ИГРА ЗА РЕКОРД Што ги очекува пазарите

„Брент“ достигна 113,75 долари за барел, додека „Голдман Сакс“ прогнозира дека златото до крајот на 2026 година би можело да достигне 4.900 долари за фина унца, поттикнато од геополитичките ризици и зголемената побарувачка од централните банки.

НАФТАТА НАД 113 ДОЛАРИ, ЗЛАТОТО ПОВТОРНО ВО ИГРА ЗА РЕКОРД Што ги очекува пазарите
Фото: Принтскрин

Цените на нафтата продолжуваат да растат на светските берзи, поттикнати од стравувањата дека ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток може дополнително да го наруши глобалното снабдување со енергенси. Истовремено, вниманието на инвеститорите сè повеќе се насочува кон златото, за кое аналитичарите предвидуваат можност за нов раст во наредните 12 до 18 месеци.

По нападот на јеменските Хути врз Саудиска Арабија, цената на северноморската нафта „брент“ се зголеми за 0,5 проценти, достигнувајќи 113,75 долари за барел. Американската лесна нафта ВТИ, пак, поскапе за 0,7 проценти, на 100,13 долари за барел.

Со ваквото движење, „брент“ е на пат да ја заврши третата последователна недела со раст на цената. За разлика од неа, ВТИ, по две недели поскапување, би можела да ја заврши неделата со негативен биланс.

Покрај случувањата на нафтениот пазар, инвеститорите внимателно го следат и движењето на цената на златото. Откако во јануари 2026 година достигна рекордни нивоа од околу 5.500 долари за фина унца, цената на благородниот метал претрпе корекција и се спушти на приближно 4.100 долари.

Сепак, дел од аналитичарите очекуваат златото повторно да тргне нагоре во следните 12 до 18 месеци. Според прогнозите на експертите анкетирани од „Фајненшл тајмс“, нов раст би можеле да поттикнат геополитичките тензии, инфлациските ризици, нестабилноста на финансиските пазари и намалувањето на вредноста на државните обврзници.

Во услови на зголемена неизвесност, златото останува привлечно за инвеститорите како средство за зачувување на вредноста и диверзификација на портфолијата.

Инвестициската банка „Голдман Сакс“ прогнозира дека цената на златото до крајот на 2026 година би можела да достигне 4.900 долари за фина унца. Тоа би претставувало раст од околу 800 долари во однос на нивото наведено во прогнозата.

Дополнителен поттик за очекувањата за златото дадоа и изјавите на претседателот на германската централна банка Бундесбанк, Јоаким Нагел. Тој посочи дека централните банки треба да размислуваат за поголема диверзификација на своите девизни резерви, вклучително и преку зголемување на уделот на златото.

Овој тренд го потврдува и истражувањето на Светскиот совет за злато, спроведено меѓу 74 централни банки. Според резултатите, 45 проценти од анкетираните институции планираат да ги зголемат своите златни резерви во текот на следната година.

Станува збор за највисок процент од 2018 година, кога започнало спроведувањето на истражувањето. Зголемениот интерес на централните банки дополнително ги зајакнува очекувањата дека златото би можело повторно да се доближи до рекордните цени, и покрај неодамнешната корекција на пазарот.

CATEGORIES
Share This