КРАЈ НА ЕРАТА НА БИТКОИНОТ? Падот под 90.000 долари шокира инвеститорите

КРАЈ НА ЕРАТА НА БИТКОИНОТ? Падот под 90.000 долари шокира инвеститорите

Биткоинот повторно се најде под силен притисок, откако неговата цена накратко се спушти под 90.000 долари поради масовна распродажба на крипто-пазарот. Овој пад доаѓа по најдлабокиот месечен минус од 2021 година, период што инвеститорите добро го паметат по високата волатилност и големите загуби.

Најпознатата криптовалута денеска забележа пад од 6,1%, а подоцна го намали падот на 5,2%, достигнувајќи 86.461 долар. Тоа претставува најголем еднодневен пад во последниот месец и приближување до осуммесечниот минимум од 80.553 долари, пренесува Reuters.

Во текот на ноември, Биткоин изгуби повеќе од 18.000 долари од својата вредност – рекорден месечен пад кој последен пат беше забележан во мај 2021 година. Според аналитичарите, причината лежи во масовниот одлив на капитал и зголемената воздржаност на инвеститорите од ризични актива, што се одразува и на берзите и на крипто-пазарите.

Иако историските податоци за Биткоинот се ограничени, декември традиционално важи за позитивен месец – просечно остварува раст од 9,7%, што го става на трето место по успешност. Но експертите предупредуваат дека слабата корелација со берзите овојпат може да биде фактор на нестабилност.

„Биткоин во моментов е водечки индикатор за апетитот за ризик. Неговиот пад не носи оптимистички сигнал за акциите на почетокот на месецот“, изјави Кетлин Брукс, директорка за истражување во XTB.

И фјучерсите на CME берзата го одразуваат растечкиот песимизам: тромесечните договори се тргуваат со најниска премија во однос на краткорочните во изминатата година.

Сличен пад бележи и Ether, втората најголема криптовалута, која денеска ослабе за 6% и достигна 2.845 долари. Во ноември, Ether изгуби 22% од својата вредност – најлош месечен резултат од февруари.

Според платформата CoinGecko, вкупната вредност на крипто-пазарот падна за над 1.000 милијарди долари во однос на рекордниот максимум од околу 4.300 милијарди долари, што дополнително го покажува размерот на кризата што ја тресе индустријата.

CATEGORIES
Share This