(ФОТО) ПЕНЗИОНЕРСКИ КРИК ПРЕД УСТАВЕН СУД – Доста е, ни треба леб, не проценти

Бараат линеарно покачување или најавуваат нови протести низ целата држава

(ФОТО) ПЕНЗИОНЕРСКИ КРИК ПРЕД УСТАВЕН СУД – Доста е, ни треба леб, не проценти
Фото: Национал

Пензионери од целата држава кои се залагаат за линеарно зголемување на пензиите денеска се собраа пред Уставниот суд во Скопје, барајќи да продолжи линеарното пресметување наместо процентуалното, кое, како што велат, ги продлабочува разликите меѓу најниските и највисоките примања.

Зоран Трајков, претседател на иницијативниот одбор, од собирот порача дека пензионерите со мали примања мора да бидат заштитени.

„Нашата борба е за сите сегашни и идни пензионери, за корка леб и лекови. Не го збориме ова против власта, туку за Македонија да биде обединета. Доста е со поделби. Не за џабе велат дека ситиот не му верува на гладниот. Нашиот глас допрва ќе биде чуен“, изјави Трајков.

Тој најави дека протестите ќе продолжат и пред Канцеларијата на Европската Унија на 10 декември, истакнувајќи дека „за првпат пензионерите го креваат својот глас“.

„Досега процентуалното зголемување беше само 600-700 денари. Ако продолжи така, ќе немаме за леб. Јазот меѓу највисоката и најниската пензија беше 1:4, сега е 1:7 и само ќе се зголемува. Доста е со поделби меѓу пензионерите“, додаде Трајков.

Протестирачите посочија дека многумина од нив земаат минимални пензии затоа што во транзицијата останале без уплатени придонеси, а денес се борат за елементарен опстанок. Тие прашаа зошто едни пензионери добиваат покачување од само 70-–800 денари, додека други 3.000-4.000.

Пензиски здруженија од Штип, Свети Николе, Скопје и Куманово уште во саботата најавија дека ќе излезат на протест. Покрај линеарно усогласување на пензиите, тие бараат и К-15, зголемување на посмртнината од 35.000 на 50.000 денари и воведување пензионерска картичка.

Минатата година, како и во март годинава, пензиите беа линеарно зголемени за 2.500 денари, а во септември пензионерите добија еднократни 1.000 денари. Ново линеарно покачување од 1.000 денари е предвидено за март следната година.

Уставниот суд веќе поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кој беше воведено линеарното зголемување на пензиите.

           

CATEGORIES
TAGS
Share This