ДО КОГА ЌЕ СЕ ОДЛОЖУВА ПРАВДАТА – Родителите на жртвите од „Пулс“ изреволтирани по новото судско одложување
Второто рочиште во Идризово повторно беше одложено затоа што адвокатите не го добиле новото обвинение.

„До кога ќе се одложува правдата, до кога ќе се одложува вистината и до кога ќе се одложува нашиот живот?!“ – прашаа денеска родителите на загинатите деца од кочанската трагедија, реагирајќи на новото одложување на второто судско рочиште за случајот „Пулс“.
Маршот „За ангелите“ започна од Паркот на револуцијата во Кочани, со порака дека се чекори „со љубов, со болка и со достоинство во име на оние кои повеќе не можат да чекорат“. Организаторите порачаа дека маршот не е протест, туку мирно и достоинствено сведоштво против неправдата и потсетување дека зад секој судски предмет стојат човечки животи, семејства и болка што не исчезнува. Родителите истакнаа дека нема да се повлечат и ќе продолжат да бараат правично судење за трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 млади луѓе.
„Второто одложено рочиште не беше само административно одложување. Тоа беше нов удар врз 63 семејства. Нова пауза што ја продлабочува нашата болка. Но и доказ дека ние нема да се откажеме. Ние нема да заколчиме! Го чекаме обвинителниот акт за полицајците. Го чекаме одговорот: кој и зошто не реагирал навреме? Кој не ја завршил службената должност? Зошто било одбиено да се помогне во моменти кога можеле да се спасат животи?“, порачаа родителите.
Второто рочиште, одржано во вторникот во судницата во затворот „Идризово“, повторно беше одложено затоа што адвокатите не го добиле новото обвинение. Родителите реагираат дека ова е уште едно понижување и неподносливо продолжување на болката. Дополнителен револт предизвикал и моментот на паркингот по расправата, кога биле оставени лице-в-лице со обвинетите и нивните адвокати.
„Излеговме од судот со стегнати души. И токму тогаш нова неправда. На истиот паркинг, без организација, без кордон, без минимум човечка чувствителност, нè ставија рамо до рамо со обвинетите. Како да сме еднакви страни во нечиј административен записник, а не родители што ги изгубиле своите деца. За нас тоа не беше ‘логистичка грешка’, туку уште едно понижување“, велат родителите.
Организаторите додаваат дека борбата не е само за еден судски предмет, туку повик до државата да покаже совест, до институциите да не газат врз болката на родителите и до општеството да не молчи пред системските пропусти. Родителите порачуваат дека ќе продолжат да чекорат, да зборуваат и да се борат во името на 63-те млади животи што никогаш нема да се вратат дома.

