ПЕНЗИОНЕРИТЕ НА НОЗЕ – Во понеделник на протест пред Уставниот суд за линеарно зголемување на пензиите
Пензионерите од целата држава најавуваат собир на 1 декември во Скопје

Пензионерите се соочуваат со неизвесност околу најавеното линеарно зголемување на пензиите, поради постапката што ја поведе Уставниот суд под водство на судијката Добрила Кацарска. Поради тоа, во понеделник, 1 декември, со почеток во 11 часот, пензионери од целата држава ќе протестираат пред Уставниот суд во Скопје.
Скандалот кој ја потресува македонската судска сцена се однесува на одлуката на Уставниот суд да ја оцени уставноста на линеарното зголемување на пензиите. Оваа мерка, која во текот на есента и наредната пролет им донесе по 2.000 денари дополнително на сметките на стотици илјади пензионери, сега е ставена под сомнеж.
Уставниот суд објаснува дека постои наводен сомнеж за дискриминација на пензионерите со повисоки пензии во однос на оние со минимални пензии. Овој аргумент, меѓутоа, беше оспорен целосно од професорот и лидер на партијата „Единствена Македонија“, Јанко Бачев, кој со правно и човечки издржани аргументи тврди дека зголемувањето треба да биде линеарно, а не процентуално.
Денеска, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција неочекувано ја застапи позицијата за процентуално зголемување, кое фаворизира мала група богати пензионери, наместо да биде во корист на сите.
Во меѓувреме, се шират тврдења дека пензискиот систем е загрозен, но од Фондот на пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) уверуваат дека исплатата на пензиите се одвива нормално. На 1 декември 2025 година, пензионерите ќе ја добијат ноемвриската пензија, во вкупен износ од 9.297.493.427 денари.
Владата ја гарантира редовната исплата на пензиите и нагласува дека пензионерите нема причина за страв. Фондот на ПИОМ, во координација со Владата, ќе продолжи да ја врши исплатата секој први во месецот и во 2026 година.

