ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА ДО ФИЛИПЧЕ Зголемувањето е од буџетски народни пари – зошто некои пензионери да добијат петпати поголемо зголемување
Партијата го обвинува Филипче за поддршка на модел што ги фаворизира пензиите со високи износи.

Единствена Македонија денеска остро реагира на прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој се изјасни во корист на процентуално зголемување на пензиите. Од партијата прашуваат зошто Филипче застанува зад модел што, како што велат, е најповолен само за мал број пензионери со највисоки примања.
Од Единствена Македонија го потсетуваат Филипче на две клучни работи:
Прво, зголемувањето на пензиите е социјална, а не економска категорија. Средствата за покачувањето доаѓаат од државниот буџет, кој го полнат сите граѓани. Затоа, велат од партијата, е нелогично некој да добие покачување од 5.000 денари, а друг само 1.000, кога се работи за буџетски народни пари.
Второ, при одење во пензија веќе е точно вреднувана разликата во работниот стаж и придонесите. Некој заслужено има пензија од 60.000, а друг од 15.000 денари. Но откако сите ќе станат пензионери, нивниот статус е еднаков без разлика дали биле професори, судии, функционери, работници или земјоделци.
„Сите се работно неактивни и сите се пензионери,“ додаваат од партијата.
Тие потсетуваат дека последните 35 години најголем дел од средствата во пензискиот фонд се обезбедуваат од буџетот, што значи дека при секое покачување се префрлаат буџетски пари. Токму затоа, според Единствена Македонија, зголемувањето мора да биде линеарно и еднакво за сите.
Од партијата очекуваат „да проработи совеста“ кај Филипче и, како што велат, да се поддржи моделот кој е „праведен и човечен“.
Во време кога огромното мнозинство од околу 330.000 пензионери едвај преживуваат, Единствена Македонија порачува дека луѓето кои ја граделе државата заслужуваат достоинствена старост, а не секојдневна борба за опстанок.

