ВЕЧЕРВА ВО БЕЛГРАД СЕ ОТВОРА МАКЕДОНСКИОТ КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВЕН ЦЕНТАР Ќе се претстават дела од 24 македонски уметници
Овој Центар е основан како дел од договорот меѓу владите на Македонија и Србија, потпишан во 2022 година, со кој се предвидува отворање културно-информативни центри и во Белград и во Скопје

Вечерва во Белград со изложба и концерт ќе биде свечено отворен Македонскиот културно-информативен центар. На изложбата ќе бидат претставени дела од 24 македонски уметници.
Директорот на Центарот, Васко Шутаров, за весникот „Политика“ изјави дека овие автори се добро познати на публиката која ја следи ликовната уметност, и дека тие претставуваат жива врска помеѓу македонската и српската културна сцена.
Изложбата е резултат на заедничка соработка помеѓу Културно-информативниот центар во Белград, Здружението на македонски уметници во Србија, „Галерија М“ и Фондацијата „Нушиќ“. Се изложуваат 50 уметнички дела од автори од различни генерации, од кои многумина живеат и работат во Белград.
Овој Центар е основан како дел од договорот меѓу владите на Македонија и Србија, потпишан во 2022 година, со кој се предвидува отворање културно-информативни центри и во Белград и во Скопје. Ваквите институции играат важна улога во меѓусебното поврзување на народите, претставувајќи ја културата, традицијата и современите уметнички текови на двата народа.


