ПОЧИТ КОН МИНАТОТО – Бегалка“ се враќа на сцената на Струмичкиот театар по трет пат
Народниот театар „Антон Панов“ ја оживува класиката од Васил Иљоски

Струмичкиот театар го најави новото поставување на „Бегалка“ од Васил Иљоски, во режија на Дамјан Димовски.
„Со ова ново поставување, му оддаваме почит на минатото и го продолжуваме живото наследство на македонската драмска традиција“, истакнуваат од театарот.
Делото има посебно место во историјата на струмичкиот театар бидејќи на 1 мај 1949 година „Бегалка“ беше првата премиера со која беше отворен Народниот театар „Антон Панов“, во режија на Димитар Колчаков. Претставата беше поставена повторно на 18 јануари 1970 година, овој пат во режија на Александар Думов. Годинава следува третото сценско оживување на ова значајно македонско драмско дело.
Во новото издание на „Бегалка“, улогите ги толкуваат Стојан Велков, Анкица Бенинова, Танкица Стојанова, Јасмина Вучкова, Васка Ангелова, Михаил Велков и Игор Тодоров. Сценскиот дизајн е на Благој Мицевски, додека музиката ја создаде Александар Димовски.

