ОДРОН НА ПАТОТ ОТЕШЕВО – СИРХАН Сообраќајот се одвива по една лента – општа состојба на патиштата утрово

ОДРОН НА ПАТОТ ОТЕШЕВО – СИРХАН Сообраќајот се одвива по една лента – општа состојба на патиштата утрово

На патниот правец Отешево – Сирхан утрово е регистриран одрон поради кој сообраќајот се одвива по една коловозна лента. Од АМСМ информираат дека на останатите државни патишта возењето во целата земја се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Интензитетот на движењето надвор од градовите е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања.

Од 15 ноември 2025 година на сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во сите возила, мерка која важи до 15 март 2026 година. Возачите се повикуваат на зголемена внимателност, особено на патиштата низ котлини, клисури и речни долини, каде е можноста за појава на одрони е поголема. Како критични делници и понатаму се сметаат Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

И понатаму останува затворен патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица, кој поради сезонскиот режим нема да биде отворен до крајот на март следната година.

Во повеќе делови од државата се изведуваат инфраструктурни и градежни работи кои предизвикуваат изменет режим на сообраќај. На скопската обиколница, на дел од државниот пат А2, се врши санација на потпорни ѕидови, што доведе до целосно затворање на правецот Велес – Тетово помеѓу клучките Волково и Кондово. Движењето е пренасочено и се одвива двонасочно по една лента во спротивниот правец. На експресниот пат Крива Паланка – Страцин кај селото Петралица, сообраќајот преку ден се регулира рачно, а во останатиот дел од денот со семафори.

На регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост продолжуваат активностите за санација на свлечиште, а на мостот Здуње на делницата Гостивар – Стража сообраќајот се пропушта наизменично со семафоризација. На делницата Градско – Дреново, која е дел од Коридор 10д, има пренасочување на движењето на повеќе места, каде е поставена соодветна сигнализација.

Во Битола е затворен сообраќајот кај мостот на улицата „Довеџик“ поради реконструкција, при што возилата се насочени кон привремена девијација. Во регионот на Кичево делницата кон селото Цер е затворена во одредени часови во текот на денот поради асфалтирање. Дел од патот Желино – Тетово е сузмен на една лента поради геодетски мерења, додека на автопатот Неготино – Велес сообраќајот се одвива по една лента поради реконструкција на дилатациони спојки.

Поради изградбата на Коридор 10д, сообраќајот на делницата Прилеп – Битола останува пренасочен преку регионалниот пат Прилеп – Битола од клучката Лагово до Тополчани, мерка што ќе трае една година. На повеќе делови од делницата Градско – Дреново, поради монтажа на еластични одбојни огради, се воведуваат периодични затворања на ленти и пренасочување на движењето.

АМСМ апелира до сите возачи да го прилагодат движењето кон актуелната состојба на патиштата, да ја следат поставената сигнализација и навремено да ги планираат своите патувања.

CATEGORIES
Share This