ДАЛЕКУ ОД ДОГОВОР – Преговорите за мир во Украина на стаклени нозе

Украина одбива да предаде територии во Донбас, да ја ограничи армијата според американскиот предлог и да се откаже од членство во НАТО

ДАЛЕКУ ОД ДОГОВОР – Преговорите за мир во Украина на стаклени нозе
Фото: Принтскрин

И покрај тврдењата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „огромен напредок“ во преговорите за завршување на војната во Украина, висок украински извор открива дека постојат најмалку три клучни области на несогласување кои би можеле да го блокираат процесот. Станува збор за територии, демилитаризација и прашањето за членство во НАТО, објави CNN.

Трамп го пофали постигнатиот напредок, додека државниот секретар Марко Рубио оцени дека разговорите во Женева биле „многу позитивни“ и дека „преостанатите точки не се непремостливи“.

Исто така, за време на средбата на американскиот воен претставник со руските делегации во Абу Даби, беше објавено дека „Украинците се согласиле на мировен договор“, со „мали детали“ што треба да се разјаснат.

Сепак, според висок украински извор со директен увид во преговорите, постојат значителни разлики помеѓу она што администрацијата на Трамп го предлага и она што Киев е подготвен да прифати.

Постојат три точки на несогласување:

Првата точка е за териториите во Донбас. Прашањето за предавање на територии што Русија ги анектираше, но не ги освои целосно, вклучувајќи го и „појасот на тврдини“ важен за украинската безбедност, останува отворено. Иако е постигнат „одреден напредок“, нема договорена формулација, и Украина не ја прифатила предложената верзија.

Втората точка е за ограничувањата на украинската армија. Американскиот предлог за намалување на украинската армија на 600.000 лица сè уште се разгледува. Киев бара дополнителни промени и дискутира за поголем број, пред да прифати какво било ограничување.

Третата точа е за членството во НАТО. Предлогот Украина да се откаже од намерата да стане членка на НАТО е „неприфатлив“ за Киев. Според изворот, такво отстапување би создало „лош преседан“ и би ѝ дало на Русија право да стави вето на воен сојуз во кој не е членка.

Според украинскиот извор, овие три точки се клучни барања на Русија за завршување на војната. Ситуацијата е „далеку од она што го прикажува администрацијата на Трамп како неколку преостанати точки или мали детали што треба да се решат“.

CATEGORIES
TAGS
Share This