ТАЈНИ ДОГОВОРИ, ПРОТЕКУВАЊА И САБОТАЖИ – Лавров ја разоткрива играта на Западот

Русија тврди дека Мерц, Макрон и европските бирократи работат против мировен договор со Украина

ТАЈНИ ДОГОВОРИ, ПРОТЕКУВАЊА И САБОТАЖИ – Лавров ја разоткрива играта на Западот
Фото: Принтскрин

Планот на американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не е официјално доставен до Русија, но Москва е подготвена да разговара за неговите детали, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Го добивме преку неформални канали, но не и официјално. Подготвени сме да дискутираме за конкретните формулации, бидејќи има многу прашања што бараат разјаснување,“ рече Лавров, додавајќи дека медиумските шпекулации не се потврдени верзии од американска страна.

Лавров нагласи дека позициите на Москва околу планот остануваат непроменети и дека Русија го поздравува фактот што клучните точки се засноваат на договорите постигнати на самитот Путин-Трамп во Алјаска.

Според него, Трамповиот мировен документ бил претходно коментиран и од претседателот Владимир Путин, кој нагласил дека предложените принципи се поврзани со договорите од самитот во Анкориџ. Лавров предупреди дека ситуацијата би се изменила доколку тие договорени одредби бидат изоставени од конечната верзија на планот.

Тој посочи дека Вашингтон во моментов работи на верзија што ја смета за привремена, во координација со Европа и Украина.

Во таа насока, Лавров остро оцени дека Европа „целосно потфрлила“ во политиките кон Украина уште од 2014 година.

„Европо, кога велите ‘не правете ништо без нас’, запомнете дека веќе имавте можност и ја пропуштивте,“ порача рускиот министер.

Лавров го обвини Западот дека се обидува да го измени планот на Трамп и да го поткопа секој напредок, како што, според него, правел и претходно.

Тој додаде дека Москва и Вашингтон имаат „активни комуникациски канали“, но дека професионалната дипломатија бара воздржаност додека не се постигне конечно решение за разлика од европските политичари кои, според него, постапуваат спротивно со протекување информации и медиумски шпекулации.

Лавров смета дека ваквите протекувања имаат за цел да ја саботираат иницијативата на Трамп, што се гледало и во изјавите на германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и други европски лидери.

На состанокот на рускиот Совет за безбедност на 21 ноември, претседателот Владимир Путин истакна дека американскиот план може да претставува основа за конечно решение, но дека разговори за суштинските точки сè уште не се водат.

Според Путин, причината е неспособноста на американската администрација да обезбеди согласност од Киев.

„Украина и европските сојузници живеат во илузии дека можат да ѝ нанесат стратешки пораз на Русија. Тој став е резултат на недостиг од реална слика за ситуацијата на бојното поле,“ рече Путин.

CATEGORIES
TAGS
Share This