КОЈ ЗА ШТО БАРА АНКЕТНА КОМИСИЈА – СДСМ и Левица само за „Пулс“, ВМРО-ДПМНЕ за испитување на сите трагедии „Пулс“ Тетово, Ласкарци и „Беса Транс“
СДСМ и Левица бараат анкетната комисија да ја испитува само трагедијата во „Пулс“, додека ВМРО-ДПМНЕ инсистира на проширен мандат што ќе ги опфати случаите „Пулс“, Тетово, Ласкарци и „Беса Транс“.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалициските партнери Вреди и ЗНАМ, денеска поднесе иницијатива за формирање Анкетна комисија што ќе ги испита сите околности и институционални пропусти поврзани со четири тешки трагедии: пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, автобуската несреќа на „Дурмо Турс“ кај Ласкарци и несреќата на „Беса Транс“ во Бугарија.
Пратеникот Бојан Стојановски истакна дека нивната цел не е политизација, туку утврдување одговорност за сите носители на јавни функции и лица вклучени во овие случаи.
„77-те потписи на пратениците покажуваат дека сакаме засегнатите конечно да добијат правда. Сите прашања треба да добијат одговор,“ рече Стојановски.
Анкетната комисија ќе се формира според член 124 од Деловникот на Собранието и ќе брои 15 членови и нивни заменици: – 7 од ВМРО-ДПМНЕ, 2 од СДСМ, 2 од Европски фронт, 2 од Вреди, по 1 од ЗНАМ и Левица.
Со комисијата ќе претседава пратеник од опозицијата. Комисијата има рок од 45 дена за работа и дополнителни 30 дена за изготвување на извештај.
Секоја пратеничка група ќе може да предложи листа сведоци и експерти, а секој повикан ќе има обврска да даде исказ пред Комисијата. Извештаите ќе бидат доставени до Владата и Јавното обвинителство.
Стојановски објасни дека нивната иницијатива била поднесена веднаш затоа што, како што рече, другите партии не го почитувале Деловникот во првиот предлог. Дополнително, тој смета дека потребно е проширување на фокусот и инсистирање на одговорност за сите трагедии.
Претседателот на Собранието Африм Гаши потврди дека иницијативата на СДСМ и Левица е вратена на доработка затоа што мнозинството во комисијата ѝ било дадено на опозицијата, што е спротивно на правилото за пропорционален состав согласно член 124.
Во образложението е наведено дека комисијата треба да ги утврди точните причини за трагедиите, евентуалните законски и институционални пропусти, начинот на кој институциите постапувале и дали биле прекршени процедурите за безбедност.
Нејзина задача ќе биде и да предложи мерки за спречување слични настани во иднина, како и да утврди одговорност кај носителите на јавни функции.
Иницијативата на СДСМ и Левица, која се однесуваше само на случајот во Кочани, предвидуваше анализа на документацијата и институционалниот надзор, но поради неправилен состав е вратена за корекции.

