ШОКАНТЕН СЛУЧАЈ НА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО СТРУГА – Отпуштена бремена жена останала без бебе поради стресот од губење на работата

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека отпуштањето е поврзано со бременоста и претставува директна и интерсекциска дискриминација.

ШОКАНТЕН СЛУЧАЈ НА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО СТРУГА – Отпуштена бремена жена останала без бебе поради стресот од губење на работата
Фото: Принтскрин

Психолог во ЈЗУ Општа болница Струга, магистер по специјална едукација и рехабилитација во областа на оштетување на слухот и обучена психотерапевтка со бројни професионални сертификати во кои самостојно вложувала 14 години, била избркана од работа веднаш откако соопштила дека е бремена.

Поради силниот стрес од непродолжувањето на договорот и сознанието дека по нејзиното отпуштање биле примени нови вработени, жената го загубила бебето во 27-та гестациска недела, односно во седмиот месец од бременоста.

На нејзино место, директорот на болницата по изборите ангажирал нов, помлад кадар, како и уште 65 други лица со различни профили. Поради таквото постапување, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека врз пријавителката е извршена директна интерсекциска дискриминација.

Оштетената стручњачка од 2001 година работела со договор на определено време по 40 часа неделно, со работни задачи идентични на оние на вработените на неопределено. По најавите дека по ланските парламентарни и претседателски избори конечно ќе ѝ се реши статусот, таа очекувала вработување, но на 31.12.2024 договорот не ѝ бил продолжен.

Кога претходно ја известила за својата бременост и побарала објаснување од директорот зошто не ѝ се продолжува договорот, доколку веќе не се обезбедува трајно решение, тој наводно ѝ одговорил:

„Оди дома, сега имаш поважна работа. Бремена си.“

Во пријавата до Комисијата, жената доставила медицинска документација од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство која потврдува дека имала уредна, здрава и неризична бременост.

„Поради стресот што го доживеав од губењето на работното место, на 4 март 2025 година во скоро 27-та гестациска недела го изгубив моето чедо. Јас сум здрава жена, со уредна бременост и без ризици. Тортурата врз мене го направи своето. Одев на работа чекајќи договор, работев со полна пареа, не бев платена и не барав ништо – само чекав да најдат решение за мене“, наведува оштетената во претставката.

Во својот одговор до Комисијата, директорот не го негирал фактот дека на местото на отпуштената психолог била примена друга, ниту дека биле ангажирани уште 65 лица, но под морална и кривична одговорност тврдел дека никогаш не ѝ рекол да си оди дома и да одмора поради бременоста.

Комисијата утврдува дека ниту болницата ниту директорот не докажале дека причините за непродолжување на договорот не се поврзани со бременоста. Напротив, немаат доставено никакви факти што би го оправдале постапувањето.

„Бременоста е биолошка и репродуктивна карактеристика врзана со жената. Работничките во бременост уживаат посебна законска заштита во поглед на работните односи, раѓањето и мајчинството – заштита што важи и за жени ангажирани со договор на дело“, појаснува Комисијата, истакнувајќи дека е прекршен и Уставот, кој гарантира еднаквост на сите граѓани.

Станува збор за еден од потешките случаи на утврдена директна, повеќекратна, повторена и продолжена дискриминација врз основа на повеќе основи. Со донесената одлука, оштетената жена, која поради стрес го изгубила плодот, има право да поднесе кривични пријави и тужби до надлежните институции.

CATEGORIES
TAGS
Share This