СЛУЧАЈОТ СО УБИСТВОТО НА ПАНЧЕ И ВАЊА ШТО ЈА ПОТРЕСЕ ДРЖАВАТА ПРОДОЛЖУВА НА АПЕЛАЦИЈА – Сите страни поднесуваат жалби
Одбраната тврди дека во пресудата има суштествени повреди и најавува барање за јавна седница.

Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев ја примиле пресудата со која се осудени на доживотна казна затвор за тешкото убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, извршено кон крајот на јуни годинава. Пресудата е доставена и до таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој беше ослободен од вина поради недостиг на докази.
Денеска истекува рокот за жалби, а и осудените и обвинителството најавуваат дека ќе се жалат.
Дел од одбраната на осудените најавува дека ќе ја оспори доживотната казна. Според нив, во пресудата постојат неправилности, пропусти и суштествени повреди на постапката. Заради тоа ќе бараат одржување јавна седница пред Апелацискиот суд Скопје, на која планираат да ги изложат своите докази.
Жалба до Апелација поднело и обвинителството, но во делот на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, кој беше обвинет за помагање при киднапирањето на неговата ќерка, што подоцна заврши со нејзино убиство.
Јавна седница пред Апелацискиот суд ќе бара и адвокатот на Ѓорчевски. Тој најави дека ќе достави нови докази со кои ќе бара да се потврди ослободителната пресуда за таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска.

