ТЕТОВСКИТЕ СУДИИ ГО БРАНАТ СУДИЈАТА ФЕРАТИ Колегата донесе законска одлука за казната од две години за смртно прегазената Теодора
„Апелираме до сите чинители во општеството да се воздржат од неоправдани коментари и да не се користи оваа пресуда за неосновани напади, стигматизирање и за јавен линч на судиите кои постапувале во конкретниот предмет, заради постигнување на други цели“, велат тетовските судии

Подружницата на Здружението на судии во Основниот суд Тетово во денешното соопштение до јавноста застана во одбрана на нивниот колега Ељмедин Ферати во врска со пресудата од 2 години затвор која ја донесе судијата Ферати за возачот Менсур Пајазити кој смртно ја прегази младата Теодора Ристовска.
Во соопштение се вели:
„Судијата, во повторената постапка, обвинетиот го осудил со максималната дозволена казна затвор, имајќи ја во предвид забраната за менување на полошо (reformatio in peius) како начело предвидено во Законот за кривична постапка. Со претходните одлуки на Апелациониот суд Гостивар и на Врховниот суд, новата пресуда на Основниот суд Тетово не смее да се измени на штета на обвинетиот ниту во однос на правната квалификација на делото, ниту во однос на кривичната санкција“, од подружницата на Здружението на судии во Основниот суд Тетово.
Поради тоа, додаваат, станува збор за законита одлука.
„Апелираме до сите чинители во општеството да се воздржат од неоправдани коментари и да не се користи оваа пресуда за неосновани напади, стигматизирање и за јавен линч на судиите кои постапувале во конкретниот предмет, заради постигнување на други цели“, велат тетовските судии.
Пред три дена, судијата Ферати го осуди на две години затвор возачот Менсур Пајазити за смртта на 22-годишната Теодора Ристевска која загина на пешачки премин во Тетово, во август 2022-ра. Пресудата е иста како првата правосилна пресуда донесена во првиот процес од гостиварскиот Апелационен суд, а потоа беше укината на Врховниот суд. Најблиските на Теодора реагираа со солзи и гнев поради висината на казната велејќи дека „две години затвор чини живот во Македонија“ и „нема правда во Македонија“.
Претставници на извршната власт предводени од премиерот Мицкоски реагираа и бараа од судската власт односно судскиот совет да го разгледа работењето на судијата.
По реакциите на семејството по судењето и регаирањето во јавноста, Судскиот Совет отвори постапка за да го разгледа судскиот предмет, а во текот на денот ќе има повеќе информации за случајот, рече претседателот на Судскиот Совет, Александар Камбовски


