НАЦРТ-ДОГОВОР ШТО ГО ТРЕСЕ СВЕТОТ Киев добива десетгодишна заштита од САД и НАТО
Документот предвидува дека напад врз Украина ќе се третира како напад врз целата трансатлантска заедница.

Мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина вклучува модел на безбедносни гаранции сличен на Член 5 од НАТО – обврска САД и европските сојузници да третираат напад врз Украина како напад врз целата „трансатлантска заедница“, пишува Axios, кој го објави нацрт-договорот.
Иако предлогот бара значајни територијални отстапки од Украина, тој истовремено содржи и најсилната досега понуда за американска и европска безбедносна гаранција – главната цел на претседателот Володимир Зеленски во мировните преговори.
Според документот од 28 точки што американскиот секретар на армијата Ден Дрискол му го претстави на Зеленски, „Украина ќе добие сигурни безбедносни гаранции“. Дополнително, Киев добил уште еден нацрт-договор со детални безбедносни одредби.
Нацрт-договорот предвидува дека секој „значаен, намерен и одржлив вооружен напад“ на Русија врз Украина ќе се смета за закана за мирот и безбедноста на целата трансатлантска заедница. Во таков случај, САД и европските сојузници би одговориле – вклучително и со воена сила.
Документот предвидува потписи од Украина, САД, ЕУ, НАТО и Русија. Белата куќа потврдува дека Москва е запознаена со документот, но не е јасно дали потписот на Владимир Путин ќе биде предуслов.
Гаранцијата би важела 10 години, со можност за продолжување.
Предлогот носи сериозен предизвик за Киев: би барал од Украина да отстапи повеќе територија од моментално окупираната и да дозволи Русија да се врати во меѓународната заедница преку укинување санкции и амнестија за воени злосторства.
Но Зеленски би добил и најсилна гаранција против идни руски напади што досега била разгледувана откако Трамп е претседател.
Планот е составен под раководство на Стив Виткоф и претставен на украинското раководство за време на викендот и во четврток во писмена форма.
Предлогот би можел да предизвика отпор кај поборниците на „Америка на прво место“, бидејќи би значел дека САД се обврзуваат директно да ја бранат Украина во случај на нова војна.
Оваа рамка ги утврдува условите за прекин на огнот меѓу Украина и Руската Федерација и воведува безбедносна гаранција моделирана според принципите на Член 5 од НАТО, прилагодена на околностите на конфликтот и интересите на САД и европските партнери.
САД потврдуваат дека значаен, намерен и продолжен вооружен напад од Русија преку договорената линија за прекин на огнот ќе се смета за напад што го загрозува мирот и безбедноста на трансатлантската заедница. Во таков случај, претседателот на САД, по итни консултации со Украина, НАТО и европските партнери, ќе утврди неопходни мерки за враќање на безбедноста вклучувајќи употреба на вооружена сила, разузнавачка поддршка, логистика, економски и дипломатски чекори. Заеднички механизам со НАТО и Украина ќе ја утврди евентуалната повреда.
Земјите-членки на НАТО, меѓу кои Франција, Обединетото Кралство, Германија, Полска и Финска, потврдуваат дека безбедноста на Украина е клучна за европската стабилност и се обврзуваат да дејствуваат координирано со САД при секое прекршување.
Рамката стапува во сила по потпишување, важи десет години и може да се продолжи со меѓусебен договор. Заедничка европска комисија, со учество на САД, ќе го следи спроведувањето.
Договорот треба да го потпишат Украина, Руската Федерација, САД, Европската Унија и НАТО.

