ТАЈВАНСКИ ДИПЛОМАТ ВО СКОПЈЕ – Се подготвува нова милијарда или нова стратегија
Настанот ја враќа дилемата дали Македонија повторно се врти кон Тајпеј поради финансиски притисок.

По повеќе години молк, денес во Македонија се одржа прв состанок со присуство на дипломатски претставник на Тајван – настан што организаторите го претставија како „уривање на бариерите“ и враќање на соработката со Тајпеј.
Бизнис конфедерацијата на Македонија беше домаќин на средбата, на која учествуваа претставници од тајванското дипломатско претставништво во Италија. Темата – „паметни градови“ и тајванското технолошко искуство беше само дел од пораката дека Тајван повторно го отвора својот интерес кон Македонија.
Но сенката на некогашната „тајванска милијарда“, добиена и испарена во времето кога Владата на Георгиевски го призна Тајван, повторно се надвиси врз настанот. Иако организаторите потенцираа дека денес фокусот е чисто економски, дилемите не исчезнуваат особено по неодамнешната изјава на вицепремиерот Александар Николоски дека Македонија одбила понуда за кредит од Кина. Се отвора прашањето: дали се бара нов финансиски партнер и дали се враќа сценарото од доцните деведесетти?
Амбасадорот на Тајван во Рим, Винсент Цаи, порача дека овој состанок е „само почеток“ и најави дека во март следната година македонска бизнис делегација ќе учествува на настан во Тајван, со отворена можност да се приклучат и претставници на Владата. Дополнително, Тајпеј планира да организира инвестициски форум за Македонија.
Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата оцени дека почнува „кршење на мразот“ и дека „од Тајван може само да учиме“. Тој потсети дека контактите со тајванските институции започнале пред две години, а како сигнал за добра волја ги наведе донациите за Детската клиника и за Агенцијата ИНОВА.
Иако немаше ниту еден официјален претставник од македонската влада, „сенката“ на политиката беше присутна. Тајван е силен трговски играч со огромна соработка со САД, Кина и ЕУ, а економската соработка со Македонија е симболична со помалку од 9 милиони евра размена годинава, со македонски извоз од само 1,89 милиони.
Тајванските претставници презентираа податоци кои ја отсликуваат големата економска разлика меѓу двете земји: БДП од 797 милијарди долари, 34.000 долари БДП по жител, 16-та најголема извозничка економија во светот, над 70% од светските полупроводници се произведуваат таму.
Во споредба, Македонија останува земја што главно извезува суровини.
Според амбасадорот Цаи, Балканот станува стратешки важен за Тајван како влезен коридор за Европејскиот пазар, а Македонија со својот ИТ сектор е „компатибилен партнер“, но недоволно истражен од тајванска страна.
Прашањето што останува да виси е: Дали ова е вистински нов почеток на економска соработка или повторно отворање на старото геополитичко поле на судир, каде Македонија некогаш веќе се изгоре?
А настаните што следат ќе покажат дали досегашното отсуство на соработка било економска реалност или политичка одлука.

