ОПЕРАЦИИ НА СРЦЕ ЗА ПРОФИТ Алиу најави тим за второ мислење пред срцеви операции
Интерната комисија на Министерството за здравство откри сериозни неправилности во кардиолошките интервенции во државни и приватни болници.

Интерната комисија на Министерството за здравство, формирана по изјавата на кардиологот Сашко Кедев, ги проверила 25-те претставки од граѓани и утврдила дека во 10 случаи пациенти биле непотребно оперирани или упатувани на кардиолошки интервенции во државни и приватни болници.
Министерот Азир Алиу појасни дека комисијата е ад хок и не е задолжена да постапува по нови претставки. Во неа членуваат лекари од болниците што се предмет на проверка, а претседател е доктор од приватна клиника која има договор со ФЗОМ.
Следува втора фаза од истрагата, во која тројца странски експерти ќе извршат директен увид во спорните медицински досиеја. Алиу најави и формирање ХАРД тим што ќе дава второ мислење за потребата од кардиохируршка операција.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека очекува институциите да утврдат сериозни неправилности и ги повика граѓаните да се охрабрат и да пријавуваат злоупотреби.
Болниците во кои биле откриени сомнителни интервенции засега не се откриваат; ќе се чека потврда и од странските експерти.

