НА 10 ДЕКЕМВРИ АВСТРАЛИЈА ВОВЕДУВА ЗАБРАНА ЗА КОРИСТЕЊЕ СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ Забраната ќе се однесува на лица под 16 години
Мета веќе почна да им испраќа известувања на корисниците за кои смета дека имаат 13–15 години дека нивните профили на Инстаграм, Фејсбук и Темс ќе бидат деактивирани од 4 декември.

Австралија воведува национална забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години, која стапува на сила на 10 декември. Мета веќе почна да им испраќа известувања на корисниците за кои смета дека имаат 13–15 години дека нивните профили на Инстаграм, Фејсбук и Темс ќе бидат деактивирани од 4 декември. Забраната важи и за TikTok, YouTube, X, Reddit и други платформи.
Премиерот Албанезе вели дека мерката треба да ги заштити децата, додека технолошките компании се противат, но сепак ќе ја почитуваат. Според проценките, забраната ќе погоди околу 500.000 тинејџери. Платформите што нема да ги блокираат корисниците под 16 години се соочуваат со казни до 50 милиони австралиски долари.
Тинејџерите можат да го оспорат ограничувањето преку проверка на возраста – видео-селфи, возачка дозвола или лична карта. Пред гасењето на профилот, дозволено е преземање на материјалите.
Тестирањата покажале дека нема идеално решение за проверка на возраста, а Мета признава дека тинејџерите често ги заобиколуваат мерките. Во меѓувреме, Roblox најави дека деца под 16 години повеќе нема да можат да разговараат со возрасни странци.
Забраната се однесува на: Facebook, Instagram, Kick, Reddit, Snapchat, Threads, TikTok, X и YouTube. Исклучени се: Discord, GitHub, Google Classroom, LEGO Play, Messenger, Roblox, Steam, WhatsApp и YouTube Kids.


