МИЦКОСКИ УДРИ НА МАСА – Судството бара буџет каков што нема ни Европа
Судии со плати повисоки од премиерски, па пак бараат зголемување

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека нема основ за зголемување на буџетот за судството, посочувајќи дека барањата на судиите значително го надминуваат европскиот просек.
„Кои резултати ги покажаа за да го добиваат тој буџет?“ – праша Мицкоски
Премиерот се повикува на европски извештај според кој Македонија издвојува 0,39% од БДП за правосудството.
Тој нагласи дека ова е повеќе од издвојувањата на Грција (0,26%), Франција (0,2%) и Германија (0,3%), додека европскиот просек е 0,31%, а медијаната 0,28%.
„Ние издвојуваме повеќе од 75% од земјите членки на ЕУ“, рече премиерот.
Како дополнителен аргумент, ги спомена и земјите кандидатки за членство во ЕУ, кои исто така вложуваат помалку од Македонија: Албанија 0,295%, Молдавија 0,35% и Грузија 0,23%.
Мицкоски посочи дека според Законот, буџетот за судството може да достигне до 0,8% од БДП, но новите барања предвидуваат минимум 0,8% за судовите и минимум 0,5% за обвинителството – вкупно 1,3%.
„Тоа е нереално и трипати повеќе од земјата што издвојува најмногу за правосудството во Европа“, рече тој.
Премиерот ги спореди и платите: судија-почетник во Македонија годишно заработува 19.170 евра бруто, додека во Словенија 34.101 евро, односно околу 80% повеќе, но со БДП кој е три и пол пати поголем од македонскиот.
Тој додаде дека претседател на суд зема околу 180.000 денари, што е повеќе од неговата плата како премиер (155.000 денари).
Во однос на регионот, Мицкоски посочи дека Македонија и таму вложува повеќе од соседите: Албанија издвојува 0,17% од БДП за судството, Молдавија 0,18%, а Грузија 0,15%.
„Буџетот што го издвојуваме е повисок од оној во 75% од земјите членки на ЕУ. Не гледам потреба да се зголемува. Владата не се меша во судството, но е должна да внимава како се трошат парите на граѓаните“, заклучи премиерот.


