РАСТУРЕНА ДРУЖБАТА – Алијансата за Албанците го напушти НАИ
Незадоволство од резултатите за градоначалници, но задоволство од мандатите за советници

Крилото на Алијансата за Албанците, предводено од Зијадин Села, ја напушти коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ). Одлуката беше донесена на состанок на Претседателството, каде што се анализираа и резултатите од локалните избори. Членовите изразија задоволство од бројот на освоени гласови и мандати за советници, но беа незадоволни од изборниот исход за градоначалници.
Според АА-Села, изборите биле под влијание на државен инжинеринг, со соработка на владејачките албански партии со македонските партии, со цел реализирање на платформата на ВМРО-ДПМНЕ, што според нив водело до маргинализирање на Албанците. И покрај повлекувањето од НАИ, Алијансата за Албанците ќе продолжи да делува како опозиција, заштитувајќи ја националната кауза на Албанците во Македонија.
„По суштински и важни дискусии, Претседателството едногласно одлучи Алијансата за Албанците да дејствува автономно. Во наредните денови, нашите пратеници ќе ја разгледаат и формализираат одлуката во Собранието, со дејствување како независна група. Алијансата останува силен опозициски глас на Албанците и продолжува со комуникација со субјектите на албанската опозиција, за што ги информиравме и нашите досегашни коалициски партнери“, истакна Села.
Од ДУИ ја поздравија и ја поддржаа одлуката на АА, очекувајќи соработката да продолжи во рамките на опозицијата.
„Имавме одлична соработка и комуникација. Тие одлучија да се посветат на својата автономија, што го поздравуваме, за сите опозициски субјекти да придонесат за враќање на реалноста во државата, бидејќи сведочиме за огромен регрес во многу области“, изјави Блерим Беџети.
Од друга страна, албанската коалиција во власта – ВЛЕН, ја гледа одлуката на АА како сигнал за „неизбежен распад“ на НАИ и индикатор за длабока внатрешна криза на коалицијата, со недостаток на кохезија и стабилна политичка програма.
„Континуираниот недостаток на координација стана модел на неуспех. Коалицијата не успеа да обезбеди заедничка насока, а функционираше како засолниште за тесни лични интереси, наместо како вистински политички проект за Албанците“, велат од ВЛЕН.


