ВАДЕФУЛ ВО СКОПЈЕ – Германија ја потврдува поддршката за европската перспектива на Македонија

Прва официјална посета на германскиот министер за надворешни работи на Северна Македонија

ВАДЕФУЛ ВО СКОПЈЕ – Германија ја потврдува поддршката за европската перспектива на Македонија
Фото: Принтскрин

Во Скопје, перспективите за идното пристапување на Северна Македонија во Европската унија се актуелна тема. Германија ја поддржува земјата на овој пат, кој не е секогаш лесен.

Ова го истакна шефот на германската дипломатија, Јохан Вадефул, во објава на својот Инстаграм-профил по средбата со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

„Северна Македонија веќе постигна многу. Напредокот во односите со Бугарија е особено важен за да се обезбеди натамошен успех во процесот на пристапување“, порача Вадефул, кој вчера ја оствари својата прва официјална посета на земјата како дел од балканската турнеја.

Тој потенцираше дека Германија и Северна Македонија одржуваат блиски односи, истакнувајќи дека речиси 30 проценти од учениците во земјата го изучуваат германскиот јазик.

Министерот Муцунски, пак, истакна дека со германскиот колега ја потврдиле заедничката определба за унапредување на билатералната соработка и пријателските односи меѓу двете земји.

„Посетата на шефот на германската дипломатија на земјата претставува јасна потврда за силната германска поддршка на европската перспектива на регионот и ја потврдува важноста што Германија ѝ ја придава на Западниот Балкан, особено на нашата држава“, истакна Муцунски.

Во рамките на средбата, Муцунски се заблагодари за континуираната и недвосмислена германска поддршка на евроинтегративниот процес на Северна Македонија и го информираше Вадефул за тековните активности поврзани со европската агенда, реформите, регионалната соработка и добрососедските односи. Тој ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување на реформите и напредокот на патот кон членство во Европската унија.

Вадефул истакна дека Германија останува силен поддржувач на интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во Европската унија, вклучително и на Северна Македонија. Тој нагласи дека целосната европска интеграција на регионот е најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа.

Министерот Вадефул се сретна и со премиерот Христијан Мицкоски, со кого разговараше за тековните регионални предизвици и можностите за заеднички иницијативи.

„Разговаравме за продлабочување на соработката меѓу двете земји, актуелните регионални предизвици и можностите за нови заеднички иницијативи“, објави премиерот Мицкоски на својот Фејсбук-профил.

CATEGORIES
Share This