ЗАТВОРЕН ПАТОТ МАКЕДОНСКИ БРОД – СКОПЈЕ Внимателно возење низ клисурите

Сообраќајот на регионалниот пат Македонски Брод – Скопје, во делот кај резерватот „Јасен“, утрово е во целосен прекин поради голем одрон на коловозот, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ). Одроните се појавиле околу 8:40 часот, а екипи на надлежните служби се упатени на терен.
Од АМСМ апелираат на зголемена внимателност и прилагодена брзина, особено на патиштата што минуваат низ котлини, речни долини и клисури. Најризични делници се Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од појава на нови одрони и лизгање на земјиштето.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека во текот на вечерните и утринските часови биле примени повеќе пријави за свлечишта и одрони предизвикани од обилните врнежи. Проблеми се регистрирани на западниот и југозападниот дел од земјата – на патниот правец Дебар – Струга кај местото Џепчиште и на делницата Кичево – Охрид кај местото Извор.
Надлежните служби апелираат возачите да бидат претпазливи, особено на влажни и лизгави коловози, и строго да ја почитуваат поставената сигнализација.


