АДЕМИ ОД ДУИ ПРИЗНАВА – ВМРО-ДПМНЕ победник во општините со мнозинско албанско население
ДУИ признава дека ВРЕДИ не освои мнозинство од албанските гласови, а Националната алијанса за интеграција ја освои довербата на граѓаните на државно ниво.

Денес, врз основа на детална анализа на резултатите од локалните избори, потпретседателот на ДУИ, Адеми, изнесе јасен и фактографски заклучок: победата во општините со мнозинско албанско население му припаѓа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите податоци покажуваат дека резултатите за градоначалници во Тетово, Струга, Дебар, Чаир, Сарај, Кичево, Брвеница и низа други општини се резултат на масовното гласање на ВМРО-ДПМНЕ за нивните кандидати и за кандидатите на ВРЕДИ. Најкоректно и транспарентно им честитаме на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие се вистинските победници во овие општини. Ова не е политичка реторика, туку изборна математика и факт кој може да се верификува на секое избирачко место“, рече Адеми.
Тој додаде дека ВРЕДИ не успеала да освои мнозинство од албанските гласови ниту за градоначалници, ниту за општински совети, и дека нивната единствена улога во овие избори била да послужат на стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во сите случаи каде што ВРЕДИ остварила формална победа, тоа било можно само благодарение на организираното гласање и поддршката од ВМРО-ДПМНЕ. Националната алијанса за интеграција, пак, ја освои довербата на албанските граѓани со повеќе од 23.000 гласови предност на ниво на држава“, додаде Адеми.
Потпретседателот на ДУИ нагласи дека овој резултат е морален и политички мандат за партијата, која на претстојниот декемвриски Конгрес ќе се реорганизира, ќе ги обнови своите структури и ќе ја зајакне врската со граѓаните.
„Ние ја прифаќаме одговорноста за секоја порака што ни ја испратија граѓаните. Вистината е јасна – ВМРО-ДПМНЕ победи. ДУИ ќе продолжи да работи со нова енергија, транспарентно и со посветеност кон интересите на граѓаните и кон европската иднина на земјата. Благодариме на сите што ни веруваа – на активистите, гласачите и сите граѓани кои останаа достоинствени во овој процес. Ќе бидеме уште поблиску до вас, уште посилни и уште поодговорни во заштита на гласот и еднаквоста на граѓаните во Република Северна Македонија“, заклучи Адеми.

