ВМРО-ДПМНЕ СО РЕКОРДЕН УСПЕХ Сајкоски откри детали за Конгресот и идните планови
Подготовките за 18. Конгрес започнаа уште во јули, со над 800 делегати и важни стратешки документи.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, во гостувањето во централниот Дневник на телевизија Сител, во рамки на „Тема на денот“, говореше за претстојниот партиски Конгрес, како и за резултатите од локалните избори. Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, кое МИА го пренесе во целост, пренесува неколку клучни пораки.
Сајкоски истакна дека подготовките за редовниот 18. Конгрес започнале уште во јули, согласно со партиските акти. На Конгресот се очекуваат над 800 делегати и околу 1.800 гости, а ќе бидат усвоени и значајни стратешки документи кои ќе ја утврдат идната насока на партијата.
„Овој Конгрес е важен чекор кон подобро структуирање на партијата – зајакнување на организацијата, вклучување нови кадри и подготовка за голема победа на парламентарните избори, доколку тие се одржат редовно во 2028 година. Треба да покажеме континуитет и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе испорачува резултати за граѓаните и државата“, нагласи Сајкоски.
Тој ги оцени резултатите од локалните избори како историски успех за партијата.
„Анализата на бројките покажува дека постигнавме голем и историски резултат. Добивме значителна доверба од граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ освои општини кои две децении биле под водство на СДСМ – како Струмица и Карпош, но и Крушево, Валандово, Дојран. Го освоивме и Кичево, општина што ја изгубивме во 2013 година и за која долго се тврдеше дека гласањето е по етничка линија. Нашиот кандидат доби поддршка од сите заедници, што претставува силен исчекор за една политичка партија“, рече тој.
Сајкоски додаде дека големиот број освоени општини е јасна порака и обврска.
„Граѓаните ни испратија силна порака – да испорачаме многу и на секое ниво. Како водечки политички субјект, имаме обврска да работиме напорно за да ја оправдаме довербата“, заклучи Сајкоски.

