НАШИТЕ ДЕЦА ГИ УБИ СИСТЕМОТ – Драматичен марш за кочанската трагедија
Вистината е сокриена - семејствата на жртвите бараат анкетна комисија и надзорна расправа.

Илјадници граѓани, заедно со родителите на жртвите од трагедијата во Кочани, денеска маршираа низ Скопје барајќи правда и одговорност.
Маршот, организиран од Здружението „16 Март 2025“ и иницијативата „Кој е следен“, започна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, продолжи кон Собранието и заврши пред Основниот кривичен суд.
Демонстрантите носеа фотографии од загинатите и транспаренти со пораки како: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“ и „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“.
Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на пејачот Андреј од ДНК, повика пратениците да покренат надзорна расправа и да формираат посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот. Таа истакна дека досегашната истрага е оставена нецелосна, со многу неодговорени прашања и недоразјаснети околности, додавајќи дека семејствата се сомневаат дека вистината е прикриена.
Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ започнува во среда. Планирано е неделно да се одржуваат најмалку две рочишта. Во предметот ќе настапуваат 15 обвинители организирани во тимови. На обвинителна клупа ќе седнат сопственикот на дискотеката, фирмата за обезбедување, тројца поранешни градоначалници на Кочани, екс-министри за економија и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Тие се товарат за одговорност за пожарот во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

