СОМНЕЖИ ЗА НЕПОТРЕБНИ СРЦЕВИ ИНТЕРВЕНЦИИ Се уште нема конечен епилог

Интерната комисија разгледала 25 претставки, остануваат уште седум до осум. Странски експерти од Словенија, Австрија и Италија ќе бидат вклучени за дополнителна доверба.

СОМНЕЖИ ЗА НЕПОТРЕБНИ СРЦЕВИ ИНТЕРВЕНЦИИ Се уште нема конечен епилог
Фото: Национал

По повеќе од два месеци нема конечен епилог за наводите за непотребно извршени кардиолошки интервенции во приватни здравствени установи, кои ги испитува интерната комисија при Министерството за здравство.

Досега се пристигнати околу 25 претставки, а останува да се разгледаат уште седум или осум. Најавено е дека во процесот ќе бидат вклучени и странски експерти, но не е прецизирано кога тие ќе пристигнат во земјава.

Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека по завршувањето на разгледувањето на претставките ќе се одржи прес-конференција. Тој нагласи дека официјалната постапка ќе почне откако ќе завршат изборите, бидејќи досега имале само неформална комуникација со Комисијата и немале официјални средби со нејзините членови.

„Уште седум наоди треба да се анализираат. Овие процеси бараат време, бидејќи експертите се мал број за нашата земја и се активно ангажирани во амбуланти и операциони сали. Динамиката на работа зависи од целиот тим и нивните секојдневни обврски, не само од Министерството“, појасни Алиу по посетата на Клиниката за кардиологија.

Тој истакна дека странски експерти од Словенија, Австрија и Италија се ангажирани поради високата чувствителност на прашањето.

„Се работи за многу сензитивни операции на срце. Не се сомневаме во нашите експерти, но сакаме и јавноста и експертите да бидат сигурни во резултатите. Извештајот од интерната комисија, заедно со мислењето на тројцата странски експерти, ќе биде водич за реорганизација и оптимизација на здравствените услуги. Надворешните експерти се вклучени само за да се обезбеди дополнителна доверба во процесот, додаде Алиу, истакнувајќи дека деталите ќе бидат објавени на прес-конференцијата.

Следната фаза, според министерот, ќе вклучува консултации помеѓу тројцата странски и домашните експерти за да се заврши целиот процес и Министерството да може да креира нови политики за здравствениот систем.

На прашањето дали приватните болници сега ги пријавуваат сите интервенции, како што било задолжително од 15 септември, Алиу одговори дека модулот за пријавување е активен и интегриран во системот, и процесот се одвива редовно.

CATEGORIES
TAGS
Share This