МИЦКОСКИ МЕЃУ ЛИДЕРИТЕ ВО БРИСЕЛ – Проширувањето на ЕУ како стратешки императив
Европските лидери ќе дискутираат дали Унијата е подготвена да биде поголема и поразновидна.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска попладне во Брисел ќе учествува на Самитот за проширувањето на Европската Унија, во организација на телевизијата Еуроњуз. Настанот е замислен како форум на кој високи претставници на ЕУ и на земјите кандидати ќе дебатираат за иднината на европската интеграција.
Ова е прв самит од ваков вид, на кој креаторите на политики, експертите и лидерите ќе разговараат во живо за клучното прашање пред Европа – дали Унијата ќе се прошири и ќе напредува или ќе ризикува стагнација.
Во најавата за настанот се наведува дека воените конфликти на границите на Унијата и растечките демократски стремежи во соседството го претвориле проширувањето во стратешки императив, а не само во политичка опција.
Самитот ќе се фокусира на прашањето дали хоризонтот за проширување до 2030 година за земјите од Западен Балкан и Источното партнерство е реален или симболичен, како и на тоа што би значела подлабоката интеграција за демократијата, економијата и стратешката автономија на Европа.
Организаторите ќе постават и суштински дилеми: Дали ЕУ е подготвена да биде поголема и поразновидна и дали може да ги исполни своите ветувања, а притоа да остане доследна на своите вредности?
Покрај премиерот Мицкоски, учество на самитот ќе земат и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателите на Молдавија, Србија и Украина – Маја Санду, Александар Вучиќ и Володимир Зеленски, премиерите на Албанија и Црна Гора – Еди Рама и Милојко Спајиќ, еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент Дејвид Мекалистер и членот на Комитетот Марк Ботенга.


