РОКАС ГО ПРЕЗЕНТИРА ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕУ – Се бара уставни измени и доследно спроведување на договорите со соседите

Исто така, ЕУ потсетува дека сè уште не се усвоени уставните измени за вклучување на немнозинските заедници, меѓу кои и Бугарите.

РОКАС ГО ПРЕЗЕНТИРА ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕУ – Се бара уставни измени и доследно спроведување на договорите со соседите
Фото: Принтскрин

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе се одржи презентација на Извештајот за напредок на земјата од Европската комисија.

Извештајот ќе го презентира амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас.

Според документот, Северна Македонија постигнала значителен напредок во спроведувањето на реформите предвидени со Реформската агенда, што се потврдува и со исплатата на две транши финансиска поддршка во рамки на Планот за раст на Западен Балкан.

Во извештајот се нагласува дека властите продолжиле со имплементација на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и подобрување на функционирањето на демократските институции, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата.

Сепак, Европската комисија забележува дека земјата треба да ги засили напорите за почитување на владеењето на правото, особено во зајакнувањето на независноста и интегритетот на судството и во борбата против корупцијата. Во областа на судските реформи е констатиран „ограничен напредок“.

Како позитивен развој, се издвојува формирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, а се забележува и напредок во поглед на плурализмот и слободата на медиумите, како и на слободата на изразување.

Европската комисија наведува дека земјата е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија, и дека се приклучила на Конвенцијата за заеднички транзит, со цел забрзување на движењето на стоките преку границите.

Во извештајот повторно се потсетува на потребата од спроведување „со добра волја од сите страни“ на билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Исто така, се нотира дека сè уште не се усвоени уставните амандмани за внесување во Уставот на граѓани кои не се мнозинство, како што се Бугарите – обврска што Северна Македонија ја презеде во рамки на процесот на европска интеграција.

CATEGORIES
Share This