АЛБАНСКИОТ ПРЕМИЕР ШТО ПОБЕГНА ОД ЗАТВОР – Замина Фатос Нано
Неговата политичка кариера го носеше од марксистички економист до лидер на Социјалистичката партија.

Поранешниот албански премиер и долгогодишен лидер на албанската левица по падот на комунизмот, Фатос Нано, почина во петок во Тирана на 73-годишна возраст, соопшти албанскиот премиер Еди Рама.
Роден во Тирана во 1952 година, Нано беше син на поранешен директор на албанската телевизија. Кариерата ја започна како економист во Институтот за марксистичко-ленинистички студии во 1978 година, за време на диктатурата на Енвер Хоџа.
Подоцна предавал политичка економија на Универзитетот во Тирана, а со падот на режимот во 1990 година, кратко време беше претседател на преодната влада.
Во јуни 1992 година, Нано стана лидер на Социјалистичката партија, наследник на поранешната комунистичка партија, која постепено усвои либерални економски политики. Во 1994 година, беше осуден на 12 години затвор за проневера на 7 милиони долари италијанска помош.
Во 1997 година, кога албанската економија колабираше поради Понциеви шеми и голем број граѓани се побунија, Нано избега од затвор заедно со илјадници други затвореници. Набргу потоа сите беа амнестирани.
Нано се врати на функцијата премиер во периодите 1997-1998 и 2002-2005 година.
По завршувањето на политичката кариера, ја предаде лидерската функција во Социјалистичката партија на сегашниот премиер, Еди Рама.
Да потсетиме, Фатос Нано беше хоспитализиран повеќе од три недели во приватна болница во Тирана, во тешка состојба. Пред тоа, тој доживеа клиничка смрт во семејниот дом, по што беше под постојан надзор на лекарите.


